Никица Корубин
Последиците од децениското “криење од граѓаните” на содржината и значењето на Времената спогодба од 1995 година, ги видовме при процесот на потпишувањето, ратификувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор како уставна категорија. Последиците од “криењето од граѓаните” на содржината и значењето на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, ги видовме при носењето на Законот за употребата на јазиците; а ги гледаме и во екстремната варијанта со обидите за негово суспендирањето, преку негирањето до ден денес. Последиците од “криењето од граѓаните” на содржината и значењето на Преспанскиот договор ги гледаме во секоја прилика на злоупотреба и прекршување на уставот при користење на уставното име Северна Македонија.
Всушност, од 35 години независност, граѓаните ефективно се манипулирани, “држени во заблуда” и скандализирани – цели 30 години – од страна на политичките, медиумските, академските и сите други “елити” во однос на суштината на стратешките меѓународни договори. Затоа што одговорноста за “криењето” на нивната содржина и околностите, причините и контекстот поради кои се донесени; е де-факто класично неинформирање и дезинформирање на граѓаните во демократско општество во тоталитарен манир на “контрола на наративот”. И тоа е една од клучните одредници и претпоставки за успехот на “заробеното општество”.
А, преку тоа во наследениот дух на авторитаризмот “друг мисли наместо граѓаните”, граѓаните никогаш на пристапен и разбирлив начин не добија задолжителен увид во стратешките чекори кои го определуваат постоењето, стабилноста и функционалноста на самата држава. Тоа што “контролираниот наратив” се’ уште ја продолжува својата пропаганда, во драстично сменети услови и околности, и со недвосмислена воља (и зрелост) на граѓаните за европската иднина; говори за стравот (или неможноста) за откажување од фактички неуспешниот концепт. Концепт на “криење на очигледното”.
Како што е очигледен, но не и широко и лесно јасно достапен текстот на Преспанскиот договор, за да може секој самиот да провери: кој е “гревот” на придавката “северномакедонски”. И како тој “грев” се “корегира”, кој што е точниот правен термин (и акција) кој е предвиден во самиот договор. Значи “лекцијата” која што никој никогаш не ја “предаваше” на сопствените граѓани е многу едноставна:
“Член 1, став 3 б: Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.”
“Член 1 став 3 ѓ: Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.”
“Член 13: Во случај на грешки и пропусти во правилната употреба на името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба во контекст на меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции, коресподенција, состаноци и форуми, како и во вкупните билатерални односи на Втората страна со трети држави и ентитети, која било од Страните може да побара веднаш да се изврши корекција и да се одбегнуваат слични грешки во иднина.”
Ако е така, а е така; чуму тогаш “бура во чаша вода” за пропустот со “севеномакедонските партнери” во кратката порака на новата бугарска министерска за надворешни работи, која со нескриена позитивност даде коментар за “убавата прва средба” со нашиот министер за надворешни работи? Дали таргетот, всушност, на неговата несразмерно бурна реакција, беше на “техничкото (средба)”, “идентитетското (северномакедонски)” или на “суштинското (убава средба)”?
Дали во латентната бугарофобија, и суптилно и отворено “сатанизирање” на се’ што е бугарско, всушност ништо не смее да биде “убаво” поврзано со Бугарија, на политичко ниво? Па, макар тоа било и неформална средба на двајца министри, кои секако имаат должност, односите помеѓу први соседи, партнери во НАТО и идни партнери во ЕУ, да ги направат “убави”?
И зарем не е доволно “убаво” што, ставот на толку долго очекуваната (стабилна) влада во Бугарија, кај нашата “јавност”, е идентичен како и на секоја влада (и власт) до сега од 2022 година, од усвојувањето на преговарачката рамка? Или токму тоа “не е убаво”? Затоа што ако ова не е убаво, тогаш “чекањето” всушност било “трошење време”. Од цели 4 години. Во сите оние 30 претходни, на неинформирање и дезинформирање на сопствените граѓани.
И затоа грешката во пораката на бугарската министерка за надворешни работи, можеби воопшто не се однесува на граѓаните, за кои веројатно е наменета “убавата средба” како порака какви односи мора да имаме; туку можеби до “партнерите” од власта на првиот сосед (во случајов западниот), како потсетување какви односи (на конструиран антагонизам) не смее да одржуваме. И затоа “корекцијата” треба да биде во име на органите и институциите на власта, а не во име на граѓаните.
Затоа што ако граѓаните заслужуваат “одбрана”, тие заслужуваат и почит од тие што се од нив избрани да ги “бранат”. А, почитта доаѓа прво преку говорење и презентирање на вистината. Значи која е вистината за Времената спогодба, Охридскиот рамковен договор. Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, преговарачката рамка? Редоследот е веќе небитен, кога годините се неповратно потрошени. Ама, суштината останува, и покрај целото нејзино “криење”. И таа ја одредува нашата сегашност и иднина.























