Двајца жители на демиркапиското село Корешница биле приведени откако полицијата постапила по пријава за сериозен инцидент во Неготино.

Според информациите од ОВР Неготино, станува збор за Б.М. (37) и Ќ.С. (30), кои биле лишени од слобода во текот на попладневните часови.

Тие се сомничат дека со патничко возило „мерцедес“ противправно лишиле од слобода 21-годишник од Неготино, при што му се заканувале со пиштол и остар предмет. По тоа, го однеле на непозната локација каде физички го нападнале.

При полициската интервенција биле пронајдени и одземени пиштолот и други предмети поврзани со случајот, а за настанот бил известен јавен обвинител.

Осомничените се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Текстот Драма во Неготино: Киднапирале 21-годишник со „мерцедес“ и го нападнале, полицијата ги уапси напаѓачите е превземен од МАКФАКС.