ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со соопштение во кое изнесува серија обвинувања поврзани со поранешниот премиер Зоран Заев и наводен градежен проект во Тетово.
Во соопштението се поставуваат прашања за наводен поткуп и можни бизнис-договори поврзани со измените на Деталниот урбанистички план (ДУП) во Тетово.
„Колкав процент добил Заев од Дака за ДУП-от во Тетово? Дали парите од поткупот Заев ги инвестирал во Африка и Дубаи?“, се вели во соопштението.
Од партијата прашуваат и: „Дали на Зоран Заев му бил ветен процент од продажбата на станови во Тетово?“ како и „Дали е точно дека на Заев му бил ветен удел од продажбата на станбените единици што прорускиот бизнисмен Дака планирал да ги гради во Тетово, проект вреден околу 200 милиони евра?“
Во соопштението се наведува дека, „покрај наводните 4 милиони евра, за кои Дака тврди преку аудио снимки објавени на социјалните мрежи дека биле дадени како поткуп, дали Заев требало да добие и дополнителен процент од продажбата на околу 2.000 станови?“
ВМРО-ДПМНЕ понатаму тврди дека можните договори биле поврзани со политички одлуки: „Дали токму поради тоа СДС и ДУИ, веднаш по формирањето на владата во 2020 година, направиле измени во деталниот урбанистички план во Тетово, со цел да му се овозможи на Дака реализација на овој градежен проект?“
Во продолжение, од партијата наведуваат дека „додека СДС и Филипче не даваат конкретни одговори во врска со Заев и поткупот од Дака, Заев инвестира во плантажи во Африка“, додавајќи дека „и покрај сите скандали, СДС и Филипче сè уште не се дистанцираат од Заев“.
Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат институционална реакција: „Неопходна е одговорност и секој кој го прекршил законот да одговара. ЈО и надлежните институции да го испитаат овој случај.“
До моментот на објавување, нема официјален одговор од СДСМ или од други споменати страни во врска со овие наводи.























