Новиот електронски систем за контрола на влез и излез на државјани на трети земји од утре, 10 април, станува целосно оперативен во сите 29 земји членки на шенгенскиот простор. Новиот европски Систем за влез/излез (EES) почна постепено да се применува на 12 октомври минатата година и по шест месеци станува целосно оперативен.
„Со системот за влез и излез го градиме најмодерниот ИТ граничен систем во светот“, изјави портпаролката на Комисијата, Аријана Подеста.
Во случај на подолги чекања во текот на летниот период, кога се очекува зголемен број патници, правилата им дозволуваат на земјите членки делумно да ја суспендираат примената на системот за да се обезбеди нормална проточност на границите. Таа можност ќе постои до септември, објасни портпаролката на Комисијата Аријана Подеста.
Што е EES?
EES е заеднички електронски систем кој ги бележи и складира информациите за датумот, времето и местото на влез и излез на државјани на земји надвор од ЕУ кои ги преминуваат границите на ЕУ, со што дефинитивно се напушта удирањето печати во пасошите.
Системот автоматски го пресметува дозволеното времетраење на престојот на државјани на трети земји и испраќа предупредувања до земјите членки на ЕУ за истекување на дозволениот престој.
EES складира податоци за идентитетот, патните исправи и биометриски податоци, кои се чуваат три години за патниците кои ги почитуваат правилата за краткорочен престој и пет години за оние кои го пречекоруваат дозволениот престој.
Сите државјани на трети земји кои првпат влегуваат во шенгенскиот простор треба да дадат отпечатоци од четири прсти од десната рака и да се фотографираат. При излез од шенгенскиот простор се зема само фотографија која автоматски се споредува со онаа зачувана во системот.
Страв од хаос на аеродромите
Во последните шест месеци имаше повеќе критики за новиот систем. Аеродромите и авиопревозниците предупредија дека системот ќе предизвика сериозни нарушувања на аеродромите во текот на летните месеци. Кога системот функционира добро, во просек се потребни околу 70 секунди за регистрација на влез или излез, наведува Комисијата.
Од почетокот на примената на EES, пред шест месеци, регистрирани се повеќе од 45 милиони патници кои ги преминале границите на шенгенскиот простор. За повеќе од 24 илјади лица е одбиен влез од различни причини, а кај повеќе од 600 е утврдено дека претставуваат безбедносна закана за ЕУ.
„Тоа навистина покажува дека системот функционира за она за што е воспоставен“, изјави портпаролката на Комисијата.
Комисијата наведува дека земјите од шенгенскиот простор пријавиле неколку случаи во кои се откриени патници кои се обиделе да ја преминат границата со различни идентитети.
Неодамна во Романија, кога граничарите ги собрале биометриските податоци на патник, било откриено дека истото лице користи два различни идентитети со два одделни документи издадени под друго име. Понатамошните истраги покажале дека повеќе земји членки на тоа лице трипати му одбиле влез во шенгенскиот простор. Без биометриската идентификација преку EES, овој случај на измама со идентитет најверојатно би останал неоткриен, наведува Комисијата.
Текстот Од утре почнува целосната примена на новите правила за влез во ЕУ е превземен од МАКФАКС.























