Синдикатот на културата (СКМ) реагира на соопштението на Уставниот суд во врска со колективниот договор и платите на културните работници. Од таму велат дека податоците за платите не се точни и дека министерот Зоран Љутков не доставил точни информации.
„Кој го лаже Уставниот суд на Република Северна Македонија? Зошто релевантното Министерство за култура, односно министерот Зоран Љутков, не доставил точни информации за основната плата на вработените во културата? Зошто јавноста постојано се подгрева со неточни информации за платите во културата? Ќе одговара ли некој за оваа неправедна хајка кон вработените во културата“, прашуваат од Синдикатот.
Од таму велат дека информациите за платите на вработените во културата се јавно достапни и лесно проверливи.
„Секој со основно знаење од математика ќе дојде до точните износи. Го отворате Колективниот договор за култура и ги гледате коефициентите, кои потоа ги множите со бруто минималната плата и ги одземате даноците (лесно се прави со онлајн-калкулатор за бруто/нето) и доаѓате до точната сума“, велат од СКМ.
Најниска плата во културата земаат хигиеничар, парно ложач, НКВ работник за одржување на објектите. Според СКМ, најниската основна плата во културата за хигиеничар е 32.217 денари.
„Според дезинформациите кои ги добил Уставниот суд, најниската плата е 45.000. Тоа се 12.783 денари повеќе, пари кои не постојат на сметките на вработените“, велат од Синдикатот.
Највисоки плати, пак, во културата имаат балетски играч првенец, актер првенец, оперски солист првенец и диригент.
„Највисоката плата во културата во 2023 година била 64.013 денари. Со 10% од ОКД или 6401, во септември највисоката основна плата во културата била 70.414 денари. Во 2026 година минималната плата по коефициент 3.265 дава нето плата од 82.563 денари. На тоа, наместо работникот да добие 10% според ОКД, или 8256, нему државата му ја дава разликата за август и септември 2023 година, односно 6401 денар (1855 денари помалку, за што СКРМ тужи), со што доаѓаме до највисоката основна плата во културата која изнесува 88.964 денари. До оние 128.000 денари на Уставниот суд, има разлика од цели 39.000 денари“, велат од СКМ.
Како што наведуваат од таму, највисоката плата во заштитата на културното наследство, каде што вработените подлежат на кривична одговорност во 2026 година е 70.658 денари
„Ако ги погледнете работните позиции, групите и категориите во колективниот договор, ќе забележите дека на најголем дел од работните места во културата, на кои работат мнозинството од вработените во институциите или на скоро 80% од нив, и со ова последно усогласување на минималецот, платите им се движат во амплитудата од 35.000 до 55.000, односно во рамките на просечната плата. Ако сето ова се укине, хаосот во платите и во работните места ќе се врати. Од перфектно усогласен ред, хаосот во културата повторно ќе завладее и ќе не турне 30 години наназад“, предупредува СКМ.
Текстот Кој го лаже Уставниот суд, платите во културата се движат од 35.000 до 55.000, реагира Синдикатот е превземен од МАКФАКС.























