Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 7 април, осомничените во група малтретирале и грубо навредувале двајца оштетени, а во јавноста предизвикале чувство на страв, несигурност и загрозување.
Мотив за настанот била одмазда, при што еден од осомничените и неговите два сина, ги пресретнале двајцата оштетени на нивното работно место, во „АД Гробишта Бутел“.
Со удари со боксови, користејќи и боксирач, започнале физички да се пресметуваат, а замавнувале и со нож. Во еден момент првиот осомничен извадил гасен пиштол, со кој го удрил еден од оштетените во главата, при што пиштолот испукал. Од насилството двајцата нападнати се здобиле со повеќе телесни повреди.
За тројцата осомничени, односно таткото и неговите синови, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, имајќи предвид дека постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, но и на тоа дека тие се во можност да вршат нови кривични дела.
Текстот Татко и синови со боксирач, нож и гасен пиштол малтретирале вработени на гробиштата во Бутел: предложен притвор е превземен од МАКФАКС.























