Уставниот суд денеска ја одржа 9. седница на која го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите.

„При конечното одлучување за поништување на Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен во февруари 2026 година, како решавачки аргументи беа утврдени значењето на финансиската независност и самостојност на судството, како составен дел од уставно загарантираната независност на судската власт, како и темелните вредности на уставниот поредок, владеењето на правото и поделбата на власта“, соопштија од Судот.

По поведувањето постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите, велат од Судот, Собранието наместо да постапи согласно ставовите на Уставниот суд изразени во Решението за поведување постапка од 24 декември 2025 година, изврши ново намалување на коефициентите на платите на судиите, па Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите од 25 февруари 2026 година и истиот да го поништи како спротивен со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членовите 51 и 54 и Амандманот XXV на Уставот на Република Северна Македонија.

„Коефициентите за утврдување на платите на судиите беа намалени два пати во 2024 година и повторно во февруари 2026 што според Судот, укажува дека постои тенденција на намалување на реалниот износ на судиските плати, што создава опасност за загрозување на нивната материјална положба, а со тоа и загрозување на независноста и самостојноста на судството“, велат од судот.

Текстот Уставниот суд ги поништи законските измени за намалувањето на платите на судиите е превземен од МАКФАКС.