Кремљ денес го поздрави двонеделното примирје договорено меѓу САД и Иран и изјави дека Русија се надева дека САД сега ќе имаат време и простор да продолжат со трилатералните мировни разговори за Украина.
Во разговор со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека со задоволство ја примиле веста за прекинот на огнот.
„Ја поздравуваме одлуката да не се оди понатаму по патот на вооружена ескалација“, рече Песков.
На прашањето дали прекинот на огнот во Иран ќе олесни нови разговори за Украина, Песков рече: „Се надеваме дека во догледна иднина (САД) ќе имаат повеќе време и поголема можност да се сретнат во трилатерален формат“, осврнувајќи се на разговорите меѓу Русија, Украина и САД.
Русија претходно изјави дека мировните преговори за Украина се заглавени по избувнувањето на непријателствата во Иран.
Преговорите започнаа минатата година во Истанбул, а трилатералните разговори со САД се одржаа на почетокот на оваа година во Абу Даби и Женева.
Но, напредокот е бавен, главно поради територијалните спорови, пишува „Ројтерс“. Русија бара Украина да се откаже од остатокот од својот регион Донбас, но Киев одбива да ја предаде територијата што руските сили не успеаја да ја освојат во повеќе од четири години војна.
фото/Depositphotos
Текстот Кремљ го поздрави договорот: Се надеваме дека САД сега ќе имаат време за преговори со Украина е превземен од МАКФАКС.























