СДСМ по итна постапка поднесе предлог-закон за намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 5%, со цел заштита на животниот стандард на граѓаните и ублажување на инфлаторните притисоци, рече пратеничката Сања Лукаревска.
„Поднесуваме предлог на закон за дополнување на Законот за додадена вредност по скратена постапка. Бидејќи не е предвидена можност за повластена даночна стапка од 5% на бензинот и на дизелот во горивата, сакаме да предложиме намалување на ДДВ-то од 18 на 5% за сите видови моторни бензини и сите видови дизелски горива, со тоа што со самото намалување им се помага на граѓаните во зачувување на нивниот стандард“, рече Лукаревска.
Таа посочи дека намалувањето на ДДВ-то ќе има директен ефект врз потрошувачката кошничка и вкупното ниво на цените.
„Знаејќи дека со намалување на данокот на додадена вредност на горивата се намалува и ефектот врз потрошувачката кошничка, како и дека покачувањето на цената на горивата влијае врз потрошувачката, односно врз целокупното ниво на цените и на останатите производи“, рече таа.
Лукаревска укажа на предупредувањата од ЕУ дека економската криза ќе трае подолг период и дека се потребни навремени мерки, подготовки и стратегија.
„Спиралата на раст на цените е сè поевидентни и сè е врзано едно со друго. И горивата и прехранбените производи, потоа следува транспортот, ликвидноста на компаниите и така натаму“, рече Лукаревска.
Таа додаде дека статистичките податоци го потврдуваат растот на трошоците за живот и потребата од итна интервенција.
„Последните податоци од Државниот завод за статистика ја потврдуваат потребата од ваков закон. Во март 2026, во однос на март, лани, трошоците за живот се повисоки за 4,9%, а цените на мало за 3,4%. Но уште поважно е тоа што најголемиот притисок е токму таму каде што граѓаните не можат да кратат или да штедат од семејниот буџет – храна и безалкохолни пијалаци (7,5%), покуќнина и одржување на домаќинствата (5,9%), рекреација, спорт и култура (6,1%). Кај индексите на цените на мало, земјоделските производи растат за 6,4%, а прехранбените производи за 6,8%. И овие бројки зборуваат дека не станува збор за поскапување на луксузот, туку за поскапување на нормалниот живот“, рече Лукаревска.
Таа нагласи дека ова е дебата за граѓанинот што на каса пресметува дали денес да купи овошје, месо или само леб и млеко.
„Во овие структурни економски услови, разликата меѓу половична мерка и вистинска интервенција во делот на ДДВ на горивата има навистина длабока човечка димензија. Поскапувањето на горивата го надминува и растот на трошоците за транспорт и патување. Со него поскапува храната што стигнува до маркет, превозот до работа и секојдневието. Страдаат луѓето, се поткопува нивната куповна моќ, а за иста количина пари може да се купи сè помала количина на основни производи и услуги. Веќе признавте дека проблемот постои со тоа што го намаливте ДДВ-то на бензините и нафтата од 18 на 10% за да се спречи енормен скок на цените. Со тоа суштински се призна една важна работа – дека данокот врз горивата во вакви услови не е неутрална фискална ставка, туку директен товар врз стандардот. А овој закон нуди многу посилен одговор на ценовниот удар на кој се изложени граѓаните, рече Лукаревска.
Текстот СДСМ поднесе предлог-закон за намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 5% е превземен од МАКФАКС.























