Правичната и соодветна застапеност не е подарок, туку уставно право гарантирано уште од 2001 година, соопштија од „Влен“.

Оттаму посочуваат дека законот за ова прашање требало да биде донесен уште во 2003 година, но, како што велат, со години бил оставен настрана и користен за пропаганда, без да се реши суштински.

По одлуката на Уставниот суд од 9 октомври 2024 година, со која падна балансерот како алатка, од „Влен“ оценуваат дека станало јасно оти ова прашање повеќе не може да се решава со импровизации, туку е потребен закон.

„И денес, конечно, благодарение на ВЛЕН имаме закон“, наведуваат од партијата.

Според нив, законот воспоставува јасни механизми за спроведување и предвидува координативно тело предводено од вицепремиер, со цел да се гарантира правото на Албанците за правична и соодветна застапеност.

Од „Влен“ додаваат дека законот е изработен во согласност со забелешките на Венецијанската комисија.

„Сега Собранието е на потег. Ова е момент кога секој треба да покаже дали е на страната на историјата. Повеќе нема место за лажен патриотизам. „Влен“ не прави врева за правата на Албанците, туку ги претвора во закон“, велат од партијата, додавајќи дека „Албанците не се алатка, туку се закон“.

Текстот „Влен“: Правичната и соодветна застапеност станува закон е превземен од МАКФАКС.