Високиот експертски еколошки совет во рамките на бугарското Министерство за животна средина и води ги одобри еколошките процедури за изградба на граничниот премин Струмјани – Берово (Клепало), со што се дава „зелено светло“ за реализација на проектот, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Одобрениот Варијант 1 предвидува пократка траса, помал обем на градежни активности и ограничено влијание врз животната средина. Решението е усогласено со барањата за заштита на природата, вклучително и зоната „Кресна – Илинденци“ од мрежата Натура 2000, при минимално нарушување на биодиверзитетот.
Новиот двостран граничен премин, кој ќе се наоѓа на територијата на општините Струмјани и Берово, е стратешки проект во рамки на Програмата Интеррег VI-A ИПА Бугарија – Северна Македонија, со вкупна вредност од 11 милиони евра.
Водечки партнер е Обласната администрација Благоевград, додека од македонска страна учествува Царинската управа. Одобрувањето на еколошките процедури претставува значаен чекор кон реализацијата на проектот и подобрување на прекуграничната поврзаност.























