Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес изјави дека рокот до вторник, кој му го постави на Иран да постигне мировен договор, е конечен, додавајќи дека иранскиот предлог е значаен, но не е доволно добар.
„Тие дадоа предлог и тоа е значаен предлог. Тоа е значаен чекор. Не е доволно добар“, рече Трамп.
„Војната може да заврши многу брзо ако го направат она што мораат. Мора да направат одредени работи. Тие го знаат тоа, мислам дека преговараа со добра волја“, рече тој на годишниот велигденски настан во Белата куќа.
Тој додаде дека е лут на иранската влада и дека Иран ќе плати голема цена.
Порано денеска, Иран му го пренесе својот одговор на предлогот на САД за прекин на огнот на Пакистан, отфрлајќи го прекинот на огнот и нагласувајќи ја потребата од траен крај на војната. Одговорот на Иран се состои од десет точки, вклучувајќи крај на конфликтот во регионот, протокол за безбеден премин низ Ормутскиот теснец, укинување на санкциите и реконструкција, објави официјалната иранска новинска агенција ИРНА.
Трамп претходно се закани дека „пеколот“ ќе се спушти врз Техеран ако до крајот на вторник не постигне договор со кој ќе се отвори сообраќајот низ теснецот, клучен морски премин за снабдувањето со енергија во светот.
Мировниот план, посредуван од Пакистан, произлезе од контактите остварени во текот на ноќта во понеделник. Планот предвидува итен прекин на огнот и продолжување на преговорите за посеопфатен мировен договор што би бил склучен во рок од 15 до 20 дена, изјави за „Ројтерс“ извор запознаен со разговорите.
Според него, шефот на пакистанската армија, фелдмаршал Асим Мунир, бил во контакт цела ноќ со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
фото/ЕПА
Текстот Трамп: Предлогот на Иран е значаен, но не е доволно добар е превземен од МАКФАКС.























