Поранешниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и добитник на Нобеловата награда за мир, Мохамед Ел Барадеи, упати итен апел до владите на заливските земји, Обединетите нации и светските лидери. Тој бара итна интервенција пред да истече ултиматумот што американскиот претседател Доналд Трамп му го постави на Иран.

„Регионот ќе стане огнена топка“
Во серија објави на социјалните мрежи, Ел Барадеи предупреди дека агресивниот став на американскиот претседател може да предизвика катастрофален регионален конфликт.

„Ве молам, уште еднаш, направете сè што е во ваша моќ пред овој лудак да го претвори регионот во огнена топка“, напиша Ел Барадеи на платформата „Икс“, нагласувајќи го стравот дека дипломатијата е пред целосен колапс.

Ултиматумот на Трамп: Уште 48 часа до „пеколот“
Претседателот Доналд Трамп му постави рок на Техеран до 6 април или да потпише мировен договор под американски услови, или повторно да го отвори Ормутскиот теснец. Во спротивно, тој најави воени дејствија со невидени размери.

„Времето истекува. Уште 48 часа пред врз нив да се сруши пеколот“, објави Трамп на својата мрежа „Трут Соушал“. Неговите закани директно вклучуваат бомбардирање на:
– Иранските електрани;
– Нафтените постројки;
– Фабриките за десалинизација на вода.

Уништувањето на овие објекти целосно би ја осакатило иранската економија и би предизвикало хуманитарна катастрофа за цивилното население.

Ормутскиот теснец – глобален енергетски јазол
Кризата дополнително се заостри откако Иран кон крајот на февруари го затвори Ормутскиот теснец, преку кој поминуваат околу 20 проценти од светските залихи на нафта и течен природен гас (ЛНГ).

Експертите предупредуваат дека секој воен обид за насилно отворање на теснецот е исклучително ризичен поради иранските ракетни капацитети и тесните пловни патишта. Долготрајното затворање веќе предизвика скок на цените на енергенсите, а евентуална воена ескалација би можела да доведе до глобален економски колапс и сериозен недостиг на гориво ширум светот.

Текстот Спречете го „лудакот“ пред регионот да стане „огнена топка“, вели екс директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија е превземен од МАКФАКС.