Владата разгледува неколку нови мерки за ублажување на последиците од кризата, кои ќе бидат прецизно димензионирани согласно глобалните случувања.

Како дел од следната фаза, се анализира воведување на микро-таргетирани мерки. Меѓу опциите е и замрзнување на трговските маржи, при што одмрзнувањето би се вршело постепено за да се избегнат ценовни шокови. Кои од овие мерки ќе бидат активирани, ќе зависи исклучиво од развојот на глобалните состојби.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција истакна дека државата внимателно ја следи ситуацијата на Блискиот Исток и е подготвена за следната фаза на интервенција.

Глобални штети од милијарди долари

Премиерот предупреди дека состојбата во Заливот е исклучително сериозна, со тешки оштетувања на енергетската инфраструктура. Повикувајќи се на податоци од Светската енергетска агенција, тој посочи дека ова е веројатно најголемата криза по волумен од 1970-тите години.

Само за месец март, директните штети во земјите од Заливот се проценуваат помеѓу 50 и 70 милијарди долари. Индиректните штети, пак, се мултиплицираат за два до три пати, што значи дека санацијата нема да биде брза и лесна.

Буџетски предизвици

Покрај справувањето со кризата, Владата се соочува и со сериозни стари долгови. Мицкоски информираше дека оваа година државата треба да врати дури две и пол милијарди евра стари долгови.

„Треба да вратиме две и пол милијарди евра стари обврзки годинава. Почнавме да го враќаме солидарниот данок. Тоа се педесетина милиони евра. Треба да се исплатат плати, редовно треба да се исплатат пензии, режиски трошоци, се останато треба тековно да се тече и настрана на тоа сега имаме директнисубвенции кои што доаѓаат од Буџетот. Состојбата е таква каква што е. Реков нема откажување, ќе се бориме и ќе победиме на крај“, рече премиерот.

Мицкоски истакна дека за разлика од други држави коишто досега интервенирале само во делот на акцизите, земјава го намалила и ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, со што, како што потенцира, можеби сме единствениот случај со ваква директна и робустна акција со којашто сите граѓани и сите бизниси имаат бенефит.

Инаку, Владата на денешната вонредна седница донесе одлука да ја намалите акцизата за дизелот за 4 денари по литар, а за бензните 2 денари по литар.

Снадбувањето со горива е стабилно и нема потреба од воведување никакви ограничувања, кажа премиерот Мицкоски, и покрај рекордната потрошувачка како резултат на зголемениот број странски државјани кои доаѓаат во Македонија да си ги наполнат резервоарите по пониски цени.

И покрај економските предизвици и мерките за ублажување на кризата, Владата засега не планира зголемување на буџетскиот дефицит.

Текстот Се разгледуваат нови антикризни мерки, во игра е замрзнувањето на маржите е превземен од МАКФАКС.