Првата делница од проектот „Градски воз“, на релација од Зелениково до Транспортен центар Скопје, долга 25 километри, ќе биде завршена до јуни годинава. Во текот на летото ќе следуваат тестирања, а линијата се очекува да биде пуштена во употреба од 1 септември.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информира дека реализацијата на првата делница е во согласност со планираната динамика и во моментов се завршени околу 65 проценти.
„Нашата цел е на 1 септември, со почетокот на школската година да почне да функционира „Градскиот воз“ на линија Зелениково, Драчево, Ново Лисиче, Аеродром, Нова железничка станица. Убеден сум дека ова многу ќе помогне во растоварување на сообраќајот, а исто така и во очекување на зимата и во намалување на загадувањето. За таа цел со Железници Транспорт интензивно работиме на обезбедување на дополнителни гарнитури на возови, затоа што ќе се зголеми сообраќајот и тоа проект кој што го работиме”, изјави вицепремиерот Николоски и додаде:
„Jaвното претпријатие Железничка инфраструктура доста напредува со проектирањето на другите две линии и работата оди побрзо од што беше планирано и очекувано. Очекуваме во текот на оваа година да се распише јавен повик односно тендер за двете делници заедно, што значи дека ќе го скратиме рокот на комплетно завршување на проектот Градски воз до крајот на 2027 година и ќе имаме три линии функционални. Во добра соработка со ЈСП ќе значи едно целосно растеретување на сообраќајот во градот. Ако на тоа се надоврзе и проектот БРТ веќе мислам дека во 2029 година ќе имаме целосно нова сообраќајна инфраструктура, кажа Николоски.

Директорот на ЈП Железничка инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека во овој момент дрвените прагови се заменуваат со бетонски.
„Очекуваме до крајот на мај, некаде во јуни сите градежни работи поврзани со оваа делница да бидат завршени. Се работи на замена на дотраени дрвени прагови коишто некаде датираат од 1959 година, некаде од 1965 или 1969 година и беа во незавидна состојба. Во овој момент тие се заменуваат со бетонски прагови коишто беа залихи од претпријатието од пред една или две декади. Притоа, со нивното искористување на оваа делница ќе постигнеме возење до проектирана брзина некаде и до 80-90 километри на час, за разлика од сега кога се вози со 20 до 30 километри на час“, рече Ивановски.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски оцени дека со проектот „Градски воз“, набавката на новите 100 автобуси и проектот за БРТ, значително ќе се подобри квалитетот на сообраќајниот транспорт во Скопје.

Според најавите, „Градскиот воз“ ќе сообраќа на секој час, а возниот ред ќе биде усогласен со автобускиот превоз на ЈСП. Цената на билетот сè уште не е утврдена, но надлежните уверуваат дека ќе биде прилагодена на животниот стандард на граѓаните.
Текстот Скопје добива градски воз: првата линија од Зелениково до Транспортен центар функционална од септември е превземен од МАКФАКС.























