Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, упати честитка до сите христијани кои го прославуваат католичкиот Велигден по грегоријанскиот календар.
„На сите христијани кои го прославуваат католичкиот Велигден по грегоријанскиот календар, во мое лично име и во име на Владата, со голема радост и искрена срдечност им го честитам најголемиот и најрадосниот празник во христијанската вера.
Велигден е празникот на надежта и победата на животот над смртта. Нека веста за Воскресението на нашиот Господ Исус Христос ги исполни вашите срца со вера, мир, љубов и нова сила. Нека овој светол ден ви донесе здравје, благослов и радост во секој ваш дом и семејство. Пораката на Велигден нè повикува да се издигнеме духовно и да ги надминеме сите поделби.
Во овие времиња на предизвици, сите ние сме повикани да си подадеме рака, да застанеме рамо до рамо и заеднички да го градиме нашиот единствен дом – Македонија. Само преку толеранција, заедништво, сплотеност, хуманост и взаемна почит можеме максимално да придонесеме за подобра и поправедна држава и за просперитетна татковина во која секој граѓанин ќе има можност за достоинствен живот, сигурна иднина и економски напредок.
Нека духот на овој празник нè инспирира да градиме мостови на разбирање, да ја зајакнуваме меѓусебната доверба и да работиме заедно за да ја направиме нашата земја уште поубава, поуспешна и пред се посреќна, како за сите нас, така и за идните генерации.
Христос Воскресе!
Навистина Воскресе!
Честит Велигден“, се наведува во честитката на премиерот Мицкоски.























