Министерството за внатрешни работи информира дека утре (06.04.2026), со почеток во 12:30 часот, во централното градско подрачје ќе се одржи протестен марш организиран од група граѓани, како израз на незадоволство поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците во правосудниот испит.

Според најавата, маршот ќе започне од плоштадот „Карпошово востание“, ќе се движи по улицата „11-ти Март“, ќе продолжи преку Камениот мост, потоа по улицата „Никола Вапцаров“, а ќе заврши на улицата „Димитрие Чуповски“, пред зградата на Министерството за правда.

Од МВР посочуваат дека поради одржувањето на маршот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници. За таа цел, СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе соодветни мерки за регулирање на движењето.

Министерството апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот и настанот.