Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска имаше средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед ал Нахјан, во рамките на третата и последна етапа од нејзината турнеја низ Заливот во екот на регионалната војна.
Според соопштението од кабинетот на италијанската премиерка, состанокот бил фокусиран на изгледите за прекин на непријателствата и условите потребни за стабилизација. Клучен акцент бил ставен на потребата да се гарантира „слободата на пловидба во Ормутскиот Теснец“, кој во моментов е под селективна блокада од страна на Иран.
Енергетска зависност и соработка
Италија, која во голема мера зависи од увозот на енергенси, со загриженост го следи растот на цените на нафтата и гасот. Во Доха, Мелони потврди дека нејзината земја е подготвена да придонесе во „обновата на катарската енергетска инфраструктура“, која е од суштинско значење за глобалната безбедност.
Таа исто така му се заблагодари на емирот за помошта при евакуацијата на италијанските туристи и граѓани кои се затекнаа во Катар на почетокот на конфликтот.
Дипломатска мисија во воена зона
Турнејата на Мелони не беше претходно најавена од безбедносни причини, со оглед на тоа што земјите од Заливот се секојдневна мета на ирански напади со дронови и ракети. Овие напади доаѓаат како одмазда за американско-израелската офанзива против Техеран, која започна на 28 февруари.
„Мелони е првиот лидер на земја членка на ЕУ или НАТО кој го посети Заливот од почетокот на војната“, изјави извор од италијанската влада.
Италијанската премиерка важи за еден од најблиските сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп, кој веќе ги повика земјите погодени од иранската блокада сами да интервенираат во Ормускиот Теснец, низ кој вообичаено поминува една петтина од светското производство на нафта и течен природен гас.
Текстот Мелони на турнеја низ Заливот: разговори за војната и безбедноста во Ормутскиот теснец е превземен од МАКФАКС.























