На автопатот „Пријателство“ кај Градско полицијата пресече транспорт на дрога и заплени околу 65 килограми марихуана.

Акцијата била спроведена на 3 април од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со специјалната единица „Тигар“, преку оперативно-тактичка мерка „заседа“.

Кај наплатната рампа Стоби, полицијата забележала сомнително движење на патничко возило „сеат алтеа“ со скопски таблички. Откако возачот не застанал на даден знак за легитимирање, со голема брзина се обидел да избега кон Градско, но набрзо бил пресретнат и запрен.

„Од извршениот преглед на патничкото возило “сеат алтеа” управувано од Ф.Н. пронајдени и одземени се четири црни торби, во кои биле сместени вкупно 65 кеси со растителна материја со вкупна тежина од 65 килограми и два телефонски апарати. Денеска (04.04.2026), од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно Јавно Обвинителство Велес, ќе биде поднесена кривична пријава против Ф.Н.(38) од Скопје и Ј.М(55) од Кавадарци, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по чл.215 ст.1 од Кривичниот законик“, информираат од МВР.

Додаваат дека пронајдената растителна материја врз основа на издадена Наредба на јавен обвинител од ОЈО Велес, ќе биде предадена во Одделот за Форензички испитувања при МВР.

Текстот (Фото+видео) Пресечен транспорт на дрога во близина на Градско е превземен од МАКФАКС.