Дубаи, кој минатата година го посетиле речиси 19,6 милиони странски туристи и важеше за една од најпосетените дестинации во светот, сега се соочува со сериозен пад на туризмот поради војната меѓу САД, Израел и Иран, пишува BBC.

Наместо полни ресторани и жива атмосфера, изминатиот месец многу угостителски објекти останале празни. Наташа Сидерис, која ја води угостителска групација, вели дека промената била нагла и драстична. Нејзиниот бизнис, кој со години растел и вклучува 14 локали и повеќе од 1.000 вработени, сега бележи сериозни загуби.

Според неа, рестораните изгубиле повеќе од 50 проценти од приходите, додека оние што зависат од туристи бележат пад и до 80 проценти. Поради кризата, платите на сите вработени се намалени за 30 проценти, за да се избегнат масовни отпуштања.

„Ситуацијата е брутална“, вели Сидерис, додавајќи дека изборот бил меѓу откази или кратење плати.

Секторот на работ на колапс

Слична слика има низ целиот сектор. Еден менаџер на ресторански синџир вели дека посетеноста паднала на само 15 до 20 проценти од вообичаеното ниво, поради што дел од објектите се затворени, а многу вработени се испратени на неплатен одмор.

Кризата не ги погодува само рестораните. Целиот туристички сектор – хотели, туристички агенции и авиокомпании – е под силен притисок.

Прекинат авионски сообраќај

Војната, која започна на 28 февруари, сериозно го наруши воздушниот сообраќај во регионот. Илјадници летови се откажани, а десетици илјади патници беа блокирани пред да бидат евакуирани.

Според властите, кон Обединети Арапски Емирати биле лансирани повеќе од 2.400 проектили и дронови, насочени кон аеродроми, пристаништа и цивилни објекти. Во нападите загинале 11 лица, а над 185 се повредени.

Хотелите празни, цените преполовени

Падот на туризмот силно се одразува и врз хотелите. Пополнетоста паднала на само 15 до 20 проценти, а во некои објекти и под 10 проценти. Хотелите нудат попусти до 50 проценти за да привлечат гости, додека дел од нив привремено затвораат.

Дополнително, се откажуваат конференции и настани, што дополнително го намалува бројот на деловни патувања. Од хотелските синџири велат дека неизвесноста ги принудува да ги намалуваат трошоците и да ја преиспитуваат работата.

Страв кај странските работници

Погодени се и странските работници, кои се основа на угостителскиот сектор. Многумина се со намалено работно време или на неплатен одмор. Дел од нив стравуваат од откази и враќање во матичните земји, потсетувајќи на периодот на пандемијата.

Според проценките, регионот би можел да загуби до 38 милиони туристи оваа година, со финансиски загуби до 56 милијарди долари. Властите во Дубаи веќе најавија пакет помош од над 270 милиони долари и мерки за поддршка на бизнисите.

Бизнисите се надеваат на брз крај на војната

Неизвесноста останува, но и покрај тоа, бизнисите се надеваат на брз крај на конфликтот и опоравување наесен. Предупредуваат дека доколку војната продолжи, ќе следуваат затворања и отпуштања.

„Имаме средства да издржиме уште неколку месеци. Потоа ќе мора да носиме потешки одлуки“, вели Сидерис, изразувајќи надеж дека кризата наскоро ќе заврши.

Текстот Војната го испразни Дубаи: туризмот во колапс, бизнисите на работ на опстанок е превземен од МАКФАКС.