Никица Корубин

Многумина од оние, кои гласно ламентираат за оставката на обвинителката Ленче Ристоска, како чин на отпор кон власта, од принципиелни причини за оневозможување на работа, истовремено прилично гласно го критикуваа новинарот Невриј Адеми за неговиот чин на отпор кон власта за оневозможување на употреба на албанскиот јазик како службен јазик – со “поддршка” на цела “машинерија” на (не)формална осуда. И целосно ја одмолчуваат борбата на студентите по право Албанци, и најавениот протест за практикување на нивното право, а за еден од иницијаторите Мевлан Адеми, веројатно не ни слушнале.

Па, така вчерашниот ден на “шок” за ударот во борбата за правда и лелек по последните “остатоци” од гласно одмолченото згаснување на СЈО низ годините; всушност ја извади на површина цела “појавна грижа” и вистинска енергија, која е вистинскиот таргет, а која тлее тивко и солидарно. И го навестија одговорот на прашањето кои сите ги засега – што се случува и зошто?

Во сенката на “грижата на мултиетничкото општество” остана и отвореното писмо до јавноста на претседателот на ДУИ Али Ахмети, во кое всушност во “сегашно време” говори, токму за она, за кое е “побезбедно и подобно” да се говори во “минато време”. Затоа што борбата за правна држава и правда, не се конкретни настани и нивните етикети, туку уставот, системот и нашиот искрен однос кон него. Кој е жесток кога е “македонски”, а е млак и непостоечки кога е “албански”. Па, нели за ист устав говориме, а токму тој е темелот на владеењето на правото и борбата за правда.

Без предрасуди и особено без скриен шовинизам и квази-национализам. Кога веќе доминира лажниот либерализам. Па, нема потреба од понатамошна сатанизација на “шарената револуција” во соседски манир, кога секако е заборавена и длабоко затрупана во сите “узурпации и манипулации” кои следеа низ годините, а ретко кој се сеќава на иницијалната каписла пред повеќе од петнаесет години – кога некои други студенти по архитектура главно Македонци, како сегашните студенти по право Албанци, први го покажаа “чинот на отпор” кон злоупотреба на системот кој сакаа да го бранат. И ја навестија и тие, а особено и бруталната партиско/пара-религиозна реакција, за она што ќе следи потоа. И во световното и во сакралното.

Има некој интересна симболика, кога потребата за доминација и супериорност, за ексклузивност во борбата за “виши цели” (правен систем, институционалност), наместо “гол национализам” (право на употреба на албанскиот јазик); ќе стане всушност репер за вистинското разбирање и на општеството и на грижа за системот.

На сите поминати и (пре)платени обуки и семинари, белким “мултиетничноста”и “правото на граѓанинот” не се сведоа само на гола и наменска реторика, на “дозволените борци за правда”, неволни да го разберат “другиот”. Со или без преведувач.

Па, всушност вистинското прашање не е реакцијата на исходот post festum (оставката како чин на отпор или реакцијата на новинарот како чин на отпор); туку односот кон реалниот mise en scene, кој не секогаш има “лик и облик” по “либералните” критериуми, туку по духот на времето и сегашноста. Дали истите кои се загрижени за “заробување на институциите”, на правосудството и судството, се подеднакво загрижени и за “заробување на уставот”?

Кој патем речено е темелот на секое институционално постапување. Во името на правдата, која нели е слепа, и не гледа чие право е загрозено, на Македонците, на Албанците или на граѓаните? И во “двата света” уставот е еден, исто како и заедничката судбина. Или уставот како судбина, која никој не ја избегнал.