Од УХМР известуваат дека во текот на наредните денови како резултат на циклонска активност земјата ќе биде зафатена од врнежи од дожд, како и снег на планините и дел од повисоките места. Врнежите локално се очекува да бидат пообилни и интензивни и на места да предизвикаат брзи зголемувања на водостоите пред се на помалите реки и суводолиците низ земјава. На високите планини врнежите ќе бидат претежно во вид на снег, а на повисоките места од дожд и снег, информираат од Центарот за управување со кризи.
Како резултат на овие врнежи во наредните денови, како што појаснуваат, се очекува и зголемување на водостојот и на поголемите реки низ земјава особено на оние во јужните, централните делови и по повардарието.
„Денеска поголеми врнежи се очекуваат во јужните делови на земјата (околу планинскиот масив Кожуф) и во централните делови, односно во пределот на планинскиот масив Солунска Глава.
Предупредуваме за можно зголемување на водостоите на реките во овие делови на земјата. Можни поголеми зголемувања на водостоите и полнење на речните корита пред се на помалите реки и суводолиците се можни во Гевгелиско-Валандовската котлина, во Кавадаречко-Неготинскиот регион, како и во југоисточните и источните делови на земјата.
Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на наредните неколку дена поради локална можност од големи води и локално интензивно полнење на речните корита на помалите реки и суводолици низ земјава.
Текстот ЦУК: Внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на наредните неколку дена поради можност од големи води и интензивно полнење на речните корита е превземен од МАКФАКС.























