Министерството за надворешни работи на Бугарија со официјална реакција ја изрази својата поддршка во однос на официјалното писмо на организации на бугарската заедница во Република Северна Македонија, во врска со ревидираниот нацрт-Акциски план за заштита и унапредување на правата на заедниците, предложен од владата на земјата, јавува Трибуна.

Во продолжение ја пренесуваме реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи:

„Организации на бугарската заедница во Северна Македонија објавија официјално писмо во врска со ревидираниот нацрт-Акцискиот план за заштита и унапредување на правата на заедниците, претставен од владата на соседната држава.

Потсетуваме дека овој Акциски план е основен документ, дел од Европскиот консензус од 2022 година, чие спроведување ќе се следи во текот на целиот преговарачки процес за идното пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија. Кога, неизбежно, очекуваните уставни измени формално ќе ги признаат Бугарите како легитимни носители на граѓански права во соседната држава, Акцискиот план ќе треба да обезбеди практична примена и заштита на овие уставно загарантирани права.

Во својата позиција, Бугарите изразуваат загриженост поради недоволното вклучување во нацрт-Планот на нивните коментари и предлози од декември 2025 година. Според нив, документот и понатаму не одговара во доволна мера на суштинските проблеми со кои се соочува бугарската заедница во Северна Македонија и не нуди ефикасни механизми за нивно надминување. Меѓу овие недостатоци се: системски институционален притисок, нерамномерна примена на законите, сериозни ограничувања на правото на самоопределување и слободата на здружување, како и недостиг од заштита од дискриминација и политички спонзорирани злосторства од омраза.

Министерството за надворешни работи ги поддржува легитимните барања на бугарската заедница во Северна Македонија и ја повикува владата на соседната држава да ги почитува повиците на своите граѓани и да ги исполни сите преземени обврски кон Европската Унија и кон Бугарија. Се очекува Северна Македонија искрено и доследно да се ангажира во создавање сигурен, ефикасен и одржлив механизам за заштита на основните човекови права, со цел во иднина да обезбеди консензусна поддршка за својот европски пат“, стои во реакцијата на бугарското МНР.