Претседателот на Србија Александар Вучиќ денес изјави дека ја поддржува одлуката на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ да го откаже самитот Брдо-Бриони, нагласувајќи дека тој и онака нема место таму и дека е многу поважно да положи цвеќе во Јасеновац. Вучиќ реагираше на најавата на Милановиќ дека го откажува собирот што требаше да се одржи во мај затоа што не сака Вучиќ да учествува на него поради неговите неодамнешни изјави, пишува Танјуг.

„Во врска со моето присуство на Бриони, целосно го поддржувам Зоран Милановиќ. Тој е апсолутно во право, не припаѓам таму. Како претседател на Србија, отсекогаш сум сакал да одам и да положам цвеќе во Јасеновац и тоа отсекогаш ми било неспоредливо поважно“, изјави Вучиќ за Танјуг.

Тој додаде дека може да оди на Бриони само како дел од неговите професионални обврски. „Да ја слушнам другата страна, да разговарам, бидејќи никогаш не сум избегал од дијалог“, објасни тој.

Вучиќ смета дека Милановиќ не требало да го откаже целиот состанок, туку можел „убаво да ги покани своите другари од Приштина, Тирана и од каде што сака“, бидејќи, како што вели, сигурно нема да ја расипе и наруши идиличната атмосфера.

„Што се однесува до изјавите на кои се повикува Зоран Милановиќ, јас не сум негова работа и не сум негов Пленковиќ, за да мисли дека може да се изживува на мене како што тоа го прави со некои од своите луѓе или со претставници на други земји. Исто како што не сакам ниту Пленковиќ ниту Грлиќ Радман да диктираат што ќе кажам. Зборувам како слободен претседател на Србија и ја зборувам вистината“, рече Вучиќ.

Текстот Вучиќ до Милановиќ: Нема со мене да се изживувате е превземен од МАКФАКС.