Во Кривичниот суд почна судењето против Стојанче Јовановски, обвинет дека преку семејно насилство ја довел сопругата Ивана до самоубиство, при што животот го загуби и нивната малолетна ќерка.

На денешното рочиште сведочеше мајката на Ивана, која пред судот опиша долг период на нарушени односи во бракот и, како што посочи, страв и притисок кај нејзината ќерка.

Таа наведе дека во почетокот од бракот односите биле стабилни, но со текот на времето забележувала промени, вклучително и знаци на физичка повреда кај Ивана, кои таа ги објаснувала како несреќни случаи. Сведокот посочи дека нејзината ќерка била под постојан стрес и се плашела за старателството над детето.

Според нејзиното сведочење, имало и ситуации на вербални конфликти и агресивно однесување, а детето, како што рече, во неколку наврати опишувало вознемирувачка атмосфера во домот, навреди кон мајката од страна на таткото и тепање. Таа додаде дека не сакала директно да се вмешува, надевајќи се дека брачните проблеми ќе се решат.

На истото рочиште, обвинетиот Стојанче Јовановски првично се изјасни за виновен за дел од обвиненијата – тешка телесна повреда во семејно насилство и загрозување на сигурноста, но не и за делото наведување на самоубиство.

Тој тврдеше дека не ја натерал сопругата да си го одземе животот и посочи друго лице како одговорно за тоа. Во текот на исказот, обвинетиот наведе дека бил под притисок при давањето на признанието.

Судијата Ивица Стефановски констатираше дека признанието не е дадено доброволно, по што судот продолжи со доказната постапка.