По завршувањето на Саемот во Лајпциг, делегацијата од македонската Национална и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски од Скопје , предводена од директорот Јовица Никчевски го посети македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, каде оствари работна средба со директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска.
Во рамките на средбата македонската Национална и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски од Скопје на македонскиот КИЦ во Загреб му подари значајна донација од 100-тина наслови од сопствената издавачка дејност, потоа дел од актуелната македонската издавачка продукција финансирана од Министерството за култура и туризам преку т.н задолжителен примерок, како и антологии на македонски и германски јазик.
Средбата беше пријатна и конструктивна, со разговори насочени кон унапредување на културната соработка меѓу двете земји. Посетата беше поттик за идни иницијативи и партнерства кои ќе придонесат за афирмација и промоција на македонската култура надвор од границите на државата како и кон уште поголемо вмрежување и зајакнување на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска. Конкретно беше разговарано за репрезентативна изложба на македонската Национална и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски од Скопје во македонскиот КИЦ во Загреб која треба да биде реализирана следната година.
Текстот Универзитетската библиотека донира околу 100 наслови на КИЦ во Загреб и најави изложба следната година е превземен од МАКФАКС.























