Претседателот на СДСДМ, Венко Филипче, реагираше на вчерашната изјава на премиерот, Христијан Мицкоски, во која тој ја коментираше платата на лекарите и дека работеле со помош на еликсири, истакнувајќи дека ваквите изјави се мизерни и навредливи за медицинските професионалци.

„Христијане, за разлика од тебе, што ништо не си работел ние сме работеле и дежурале и 24 часа и повеќе денови конститутивно во неделата, и моите колеги имаат право со работа да заработат. Затоа што не случајно ги зголемивме платите и дежурствата на лекарите за да имаат достоинствен живот. Ти не си тој којшто ќе каже колку докторите треба да заработуваат, поради тоа што тоа е работна навика, тоа е посветеност за спасување животи за унапредување на нашиот здравствен систем. Мизерно и срамота е да кажеш како еден универзитетски професор дека докторите работат на еликсири“, му порача Филипче на Мицкоски.

Премиерот вчера од собраниската говорница зборуваше за здравството и за платите на лекарите.

„Кога станува збор за здравството треба понекогаш не само да зборуваме убави работи. Треба да зборуваме и малку со доза на критика кон одредени здравствени работници кои што наоѓаат начин преку чуден еден нов изум, кој што јас го нареков ‘еликсир на континуирана работа’, книжејќи си дежурства да добиваат месечни примања кои честопати знаат да бидат и над 10 илјади евра. Чудно но вистинито, има и такви здравствени работници кои со помош на овој еликсир успеале да работат 31 ден во месец кога има 30 или 28 дена. И, ни помалку ни повеќе туку 24 часа. Вкупно 31 ден, 24 часа, без одмор, без пауза, цело време посветени на работа“, рече Мицкоски.

Тој рече дека со овој, како што го нарекува еликсир, некои доктори работат и во државното и во приватното здравство.

„Дури има и случаи каде луѓе што се на дежурство со помош на овој еликсир на младоста, во јавните здравствени установи истовремено наоѓаат начин и во приватните здравствени установи да прегледуваат. Има и такви случаи да речеме. Но, тоа не е до владата, не е до министерот, ни до директорот на ФЗОМ. Треба самосвеста да проработи. Има такви кои се, би рекол во научната фела многу високо позиционирани. Нема да споменувам имиња, но ако е потребно, можам и тоа да го направам во одредена фаза. Затоа што на тој начин директно се удира по грбот на граѓаните и здравствените институции“, рече премиерот Мицкоски.

Текстот Филипче за изјавата на Мицкоски за работата на докторите со еликсир: Мизерно и срамота е превземен од МАКФАКС.