Повеќе од 300 интервенции на пожарникари, прекини на електрична енергија и сообраќајни незгоди беа регистрирани денес низ цела Словенија поради силниот ветер, известува агенцијата СТА.
Илјадници домаќинства беа привремено без струја поради оштетени далноводи, неколку патишта беа затворени поради дрвја што паднаа на коловозот, а неколку автомобили, камиони и работни машини беа оштетени.
Многу жители на северниот дел на Словенија добија предупредувања на своите мобилни телефони за опасноста од ветер утрово. Словенечката служба за цивилна заштита и спасување предупреди на можни бури, силен ветер и прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода.
На жителите им беше советувано, меѓу другото, да останат во затворен простор и да ги следат упатствата на надлежните органи, да избегнуваат близина на далноводи и површини покриени со дрвја. Тие, исто така, беа предупредени да внимаваат на домашните животни и да не спасуваат имот во случај на силен ветер.
Според податоците од Словенечката агенција за животна средина (Арсо), најсилните налети на ветер се измерени на аеродромот Лешќе во Горењска, каде што ветерот достигнал 103 километри на час. Исто така, се предупредува дека утре наутро, налетите на бурата во Приморска ќе достигнат брзина од околу 100 километри на час.
Најсилните налети на ветер се очекуваат во втората половина од ноќта и во петок наутро, а во текот на денот ветерот постепено ќе ослабне, но сепак ќе биде силен. Кон вечерта и во сабота навечер, ветерот постепено ќе се смирува.
Силно невреме со снег и дожд ја погоди денеска и Хрватска.
фото/Depositphotos
Текстот Силно невреме ја погоди и Словенија, илјадници домаќинства без струја е превземен од МАКФАКС.























