Утре времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни (над 20 l/m²), а ќе има и услови за појава на ретки грмежи, информира УХМР.

На некои од повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег, а на планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира нова снежна покривка.

Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 7 до 15 степени.

Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 13 степени.

Во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи со послаб интензитет.

Во сабота ќе има услови за изолирана појава на ретки грмежи, на некои од повисоките места врнежите ќе бидат од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

Во понеделник ќе има преодно стабилизирање на времето, а нови врнежи повторно се очекуваат од вторник.

Текстот Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег до вторник е превземен од МАКФАКС.