Пред доделувањето на наградите „Порин“ за посебни заслуги, кои вечерва ќе ги прими на концертот во Сплит, прославениот македонски гитарист Влатко Стефановски одржа прес-конференција на која ги претстави своите два нови изданија – авторскиот албум Muscle Memory и проектот Guitar Things, во изданија на Croatia Records.

Станува збор за исклучително продуктивен период за еден од најценетите гитаристи во регионот, кој публиката ја почести со две различни, но меѓусебно поврзани изданија. Guitar Things, како што истакна, претставува своевиден продолжеток на поголемиот дискографски проект, со инструментални композиции во негова изведба, избрани за издание од хитмејкерот Ѓорѓе Новаковиќ.

Од друга страна, Muscle Memory носи негов авторски печат и, како што самиот вели, е резултат на долг и интензивен креативен процес. „Морам да признаам дека сум многу задоволен и среќен што овој албум го здогледа светлото на денот по три години снимање“, рече Стефановски, објаснувајќи дека процесот на работа бил прекинуван поради концертните обврски.

Иако снимањето на музиката се одвивало прилично лесно, најголемиот предизвик бил текстот. „Во овие времиња, кога сите имаат нешто паметно да кажат и кога имаме поплава од информации и мислења, се создава своеобразен ‘overload’. Проблемот сум јас – се обидувам сè што имам да кажам да го изразам преку музиката, преку гитарските фрази“, искрено порача тој.

Додаде дека му било тешко да одлучи за што да пее и што во овој момент да му порача на светот. „Универзалната порака секогаш е љубовта, но тoj збор поради прекумерната употреба го изгуби значењето. Љубов, слобода, емпатија, солидарност – сите овие зборови, за жал, ја изгубија силата“, рече тој. Токму поради тоа пишувањето на текстовите траело речиси три години.

„Првиот текст што го напишав всушност е последната песна на албумот – рефлексивна, филозофска приказна за различните перспективи на гледање на светот“, објасни тој.

Албумот Muscle Memory содржи девет песни, од кои четири се инструментални, а пет вокални, и веќе во првите денови доби одлични реакции од публиката и критиката. „Кога првпат го преслушав албумот на Spotify, реков: ‘Wow! Успеавме!’ – го направивме онака како што треба“, се присети тој.

Една од темите што се провлекува низ албумот е и современиот дигитален свет. „Напишав една песна која е мој одговор на вештачката интелигенција, на дигиталниот и роботскиот свет. Не дека е тоа некорисно – напротив – но се обидувам да бидам умерен во сè“, нагласи тој.

На албумот му се придружија бројни врвни музичари, вклучувајќи го и неговиот син Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас, како и гости како Звездан Руѓиќ, Дамир Имери и Горан Папаз.

Говорејќи за насловот на албумот, Стефановски објасни дека зад него стои идејата за т.н. мускулна меморија, односно долгорочно вежбање и усвојување на вештина:
„Кажуваат дека се потребни 10.000 часа работа за да станете мајстор. Се согласувам – било да изработувате чевли, гитари или виолини, толку време е потребно за совладување на секој занает.“

Истакнува дека поимот „muscle memory“ во музиката има и подлабоко значење: „Џез-музичарите ќе речат дека тоа е свирење на памет, односно како раката знае. Јас секогаш давам предност на раката пред свеста, бидејќи нашата свест често ја кочи нашата имагинација, амбиции и однос кон светот.“

Додаде дека претераното размислување може да биде пречка за креативноста: „Сите денес сме ‘overthinkers’. Размислуваме повеќе отколку што треба, а сигурно нема да измислиме нова теорија на Ајнштајн. Затоа се предавам на рацете.“

Во овој контекст се присети и на соработката со македонскиот сликар Глигoр Чемерски: „Уште во осумдесеттите се согласивме дека раката е поумна од мозокот. Секако, сè е под контрола на мозокот, но ако го занемариме на момент и дозволиме раката сама да свири или слика – тогаш се создава вистинската магија. Сигурен сум дека и кај Пикасо беше така – раката сликала, не тој.“

„Таа мускулна меморија кај Стефановски се чувствува на овој албум. Ако внимателно слушате, ќе наидете на композиција која е скоро ‘trend song’, класичен рок’н’рол, но и на еден друг дел кој лично ми е најдраг. Имено, Влатко и јас во некои години интензивно слушавме еден посебен тип музика – пост-психоделија, Кантербери сцена, прог рок, па и фјужн. Ако не знаете што беше порано, доволно е да го слушате овој албум и да слушнете која музика инспирирала многу генерации, вклучувајќи го и самиот Влатко. Освен што повикува на ‘мускулна меморија’, овој албум повикува и на своеобразна ‘меморија на увото’, особено кај нас постарите слушатели“, рече музичкиот критичар Златко Гал.

Вечерниот концерт во Сплит ќе биде можност публиката да го слушне дел од новиот материјал во живо, додека се очекува и негов настап на доделувањето на Porin, каде повторно ќе биде меѓу истакнатите имиња на регионалната музичка сцена.

Текстот Пред доделувањето на наградите „Порин“ за посебни заслуги, Влатко Стефановски во Сплит го претстави новиот албум Muscle Memory е превземен од МАКФАКС.