Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска во Собранието одговори на пратеничко прашање поставено од Сања Лукаревска, при што се осврна на актуелните мерки во земјоделскиот сектор, со посебен акцент на оризопроизводството.
Во своето обраќање, министерот истакна дека протестите организирани од опозицијата се обид за политичка манипулација, нагласувајќи дека токму тие кои денес критикуваат, во минатото оставиле сериозни проблеми во земјоделството. Тој посочи дека оризопроизводителите во саботаta истакнаа дека имаат залихи на ориз од пред пет години, период кога, како што рече, на власт била СДСМ.
„За разлика од минатото, кога оризот не беше третиран како стратешка култура, оваа Влада презеде конкретни чекори. Оризовата арпа ја дефиниравме како стратешка култура и обезбедивме откуп за потребите на државните стоковни резерви“, нагласи тој.
Iнформираше дека во 2024 година била реализирана мерка за кофинансирање, набавка на комбајни и сушари за ориз, со вкупна поддршка од над 35 милиони денари, имало 57 апликанти и сите биле одобрени.
„Во производната 2025 година во вашето заминување, недомаќински, нефер, ја испразнивте браната Калиманци со цел да имаме тешка производна година. Со домаќинско управување, со сите заложби што ги направи Владата и Министерството, со санирање на онаа катастрофална состојба во системите за наводнување успеавме да ја покриеме секоја земјоделска површина со доволна количина на вода и да се посее оваа важна култура за нас“, појасни Трипуновски.
„Во делот на зелената нафта јас бев еден од критичарите кој што ја критикуваше таа мерка затоа што поделивте зелена нафта за паркирање на тракторите, не за обработка, не за да биде дополнителна додадена вредност и компензација на трошоците во делот на земјоделското производство. Истата мерка, минатата година е зголемена за 100% и сега земјоделците добиваат сериозна количина на нафта и претставува сериозен инпут во делот на олеснување на прозводните трошоци“, посочи тој.
Министерот ги отфрли тврдењата дека субвенциите се намалени, потенцирајќи дека годишните програми најчесто изнесуваат околу 100 милиони евра.
Дополнително, тој информираше дека од Програмата за 2026 година досега се исплатени над 30 милиони евра субвенции.
Текстот Трипуновски до Лукаревска: Гледајте и учете како се водат аграрни политики, а за тоа говорат и податоците на ДЗС е превземен од МАКФАКС.























