Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека отворањето на Уставот е сензитивна работа која не треба да се прави ад-хок, нагласувајќи дека клучната одлука е во рацете на политичките партии.
„Отворање на Устав е сензитивна работа. Пред сѐ е работа на договор помеѓу политичките партии и тоа знаете дека во Собрание треба две третини од пратениците. Не би коментирал, би оставил партиите да одлучат кога е потребно да се направи и за кои прашања“, рече Гаши.
Појасни и дека штом ќе се отвори Уставот секој сака да ја постигне својата политичка цел. Секој инсистира на друго и тоа може да доведе до правење поголем проблем отколку корист.
Во однос на дебатите за примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, Гаши оцени дека тоа не треба да биде табу тема.
„Во однос на Бадентер во Уставниот суд, сепак тоа не треба да биде табу тема и да се разговара од аспект на политичка димензија и професионален аспект. Уставниот суд треба да ја одигра улогата како што му е препишано во Уставот, а тоа е да го брани Уставот и уставноста во донесување на законите во државата. Затоа не треба предрасуди кон теми кои носат до квалитетно одлучување“, рече Гаши.
Темата за уставни измени беше актуелизирана и пред два дена, кога претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и премиерот Христијан Мицкоски оценија дека во моментов нема политички услови за отворање на Уставот.
Костадиновски посочи дека за воведување на уставна тужба и за носење закон за Уставен суд е потребна уставна измена и двотретинско мнозинство.
Премиерот Мицкоски нагласи дека отворањето на Уставот е политичко прашање и дека во моментов услови за тоа нема.
„Во моментов такви политички услови не се создадени, да бидам попрецизен“, рече Мицкоски.
Во однос на идејата за Бадентерово мнозинство во Уставниот суд, Костадиновски изрази јасен став против такво решение, оценувајќи дека тоа не е соодветно за институција која треба да одлучува врз основа на уставно-правни аргументи.
Текстот Гаши: Отворањето на Уставот е сензитивно и не смее да биде ад-хок, одлуката е кај партиите е превземен од МАКФАКС.























