Во рамки на 16. Филозофски филмски фестивал и оваа година ќе се одржи работилница за млади која ќе ја модерира м-р Стефан Палитов, а е на тема „Бренд (и) Идентитет“. Фокусот на работилницата ќе биде на формирањето идентитетски наративи во контекст на конзумеристичките општества и како тие влијаат на генералната конструкција на идентитет. Тимот на фестивалот ги повикува сите заинтересирани учесници на возраст од 17 до 25 години да се пријават овде до 30 март.

Работилницата ќе се одржи на 2 и 4 април, со тоа што на 2 април ќе се одржи проекција на филм, а на 4 април ќе се одржи предавање на тема „Што се целни групи и како се креираат нивните профили“ проследено со работилница за учесниците во која ќе постави прашањето „На која целна група припаѓам?“.

Целта на работилницата е учесниците да се запознаат со наративните структури кои ја истражуваат интеракцијата помеѓу брендови, идентитети, маркетинг и пропаганда. Со таа цел ќе се анализираат главните динамики кои филмот ги разгледува во овој контекст преку сценаристичките и режисерските алатки кои ги користи. Воедно, ќе се изучуваат и техники за дефинирање на идентитетите кои припаѓаат на целни групи и кои специфични комуникациски пристапи се користат за да се предизвика посакуваното поведение. Учесниците ќе научат да ја дефинираат својата лична целна група на која припаѓаат и како се комуницира со неа, со цел да бидат свесни кога се мета на ваков тип на комуникација.

16. Филозофски филмски фестивал ќе се одржи од 21 – 29 мај во Младинскиот културен центар.

Текстот Работилница за млади „Бренд (и) Идентитет“ со м-р Стефан Палитов – 16. Филозофски филмски фестивал е превземен од МАКФАКС.