„Во врска со реакцијата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на новинарско прашање поставено од новинар на ТВ Канал 5 за време на јавен настан наменет за медиумите, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги укажува дека во комуникацијата со медиумите неопходно е почитување на професионалните стандарди“, велат од АВМУ.

„Новинарските прашања претставуваат составен дел од демократскиот процес и не смеат да се третираат како напад, ниту пак новинарите смеат да се дискредитираат поради извршување на своите професионални обврски.

Носителите на јавни функции имаат обврска да демонстрираат високо ниво на политичка култура, одговорност и професионалност, со што придонесуваат кон зајакнување на довербата на граѓаните и медиумите во институциите. Ова е особено значајно имајќи ја предвид нивната улога во обезбедувањето транспарентност и отчетност кон јавноста.

Агенцијата апелира до сите јавни функционери да покажат соодветна почит кон медиумските професионалци и да вложат максимални напори за обезбедување услови за достоинствено, слободно и непречено извршување на нивната работа“, соопшти АВМУ.

Текстот АВМУ за реакцијата на Славески: Функционерите да се однесуваат со почит кон новинарите е превземен од МАКФАКС.