Претседателот на САД, Доналд Трамп, призна дека не очекувал Иран да одговори на нападот на САД и Израел со напади врз земјите од Персискиот Залив.

„Погледнете како неочекувано ги нападнаа сите овие земји околу нас. Тоа не требаше да се случи. Никој дури и не помисли на тоа. Тие сакаа да го преземат Блискиот Исток и трајно да го уништат Израел. Ако имаа нуклеарно оружје, можеа да го сторат тоа“, им рече Трамп на новинарите во Палм Бич пред да полета за Мемфис.

Војната започна на 28 февруари кога САД и Израел започнаа координирани воздушни напади врз цели во Иран, вклучувајќи воени објекти и инфраструктура, што го отвори најголемиот конфликт во регионот во последните децении.

Иран веднаш одговори со бран балистички ракети и беспилотни летала кон Израел, но и кон американските бази и сојузници во регионот, кои брзо се проширија надвор од границите на двете земји.

Во првите часови од одмаздата, Иран ги таргетираше американските бази во Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, додека ракетите и беспилотните летала ги таргетираа и Саудиска Арабија и клучната инфраструктура во регионот.

Нападите продолжија во последните денови, при што Иран лансираше ракети и беспилотни летала кон Израел и земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи напади врз енергетската и транспортната инфраструктура, дополнително дестабилизирајќи го регионот и загрозувајќи ги глобалните синџири на снабдување.

Текстот (Видео) Трамп: Погледнете како Иран неочекувано ги нападна своите соседи, никој не помисли на тоа е превземен од МАКФАКС.