Министерот за транспорт и врски на Бугарија, Корман Исмаилов, изјави дека интензивно се работи на обезбедување средства за завршување на последните 2,4 километри од железничката врска со Северна Македонија, на средба со амбасадорката на Словенија, Наташа Бергел, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Тој посочи дека ова е единствениот преостанат дел од железничката линија на бугарска територија што треба да ја обезбеди целосната поврзаност меѓу двете земји.
„Во февруари е потпишан договор со изведувач за железничката делница, но потребните 50 милиони евра не се обезбедени. За да го започнеме реално проектот, ќе бараме можности за обезбедување средства од државниот буџет заедно со Министерството за финансии“, истакна Исмаилов.
Тој додаде дека изградбата на Коридорот VIII е од стратешко значење за воената мобилност на НАТО и транспортната поврзаност и е приоритет на министерството.
Амбасадорката Бергел оцени дека развојот на коридорот е значаен и за Словенија како членка на НАТО и го поздрави ангажманот на бугарската влада.























