Азир Алиу, министер за здравство
Пред неколку дена објавеното истражување на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ ни соопшти бројки покрај кои не смееме да поминеме како да станува збор за обична статистика. Истражувањето, спроведено на примерок од 1.040 полнолетни испитаници, покажува дека 37 отсто од граѓаните малку веруваат дека можат да добијат еднаков третман во јавното здравство без познанства, плаќање или друг вид коруптивни практики, а 20,4 отсто воопшто не веруваат во тоа. За 33,4 отсто корупцијата најчесто е поврзана со добивање болнички кревет или операција без чекање, додека пак за 26,8 отсто таа е поврзана со пристап или итен термин кај специјалист, а за 21 процент со подобар третман од страна на специјалист. Ова се податоци кои не може да се редуцираат само на поединечни девијации, бидејќи тие упатуваат на постоење на генерализирано чувство за нарушеност во правичноста на самиот пристап до здравствената услуга.
Кога недовербата станува толку општествено изразена, проблемот веќе не може да се набљудува само низ призмата на постоењето на коруптивен чин, неговите рамки се одредуваат и од однапред развиените очекувања.Граѓанинот однапред верува дека без посредување, врска или неформална услуга не може да стигне до она што му следува. Се наоѓаме во момент во кој слабеењето на довербата во еднаков третман води кон поткопување на довербата во институцијата, но, што е и уште позагрижувачки, и на довербата во општествениот морал – дека болниот ќе биде примен како човек, а не како нечие влијание, нечие познанство или нечие „завршување работа“.
Како министер, мојата обврска е прво да одговорам институционално и системски. Затоа, уште од првиот ден,јавно и доследно ја бранам линијата дека дигитализацијата и транспарентноста нема да останат само технички украс на здравството, туку ќе прераснат воинструмент на правичност. Уште на самиот почеток, воведовме можност за електронско пријавување на неправилности преку дигитален модул, воведовме систем за електронско следење на елективните хируршки интервенции, листите на чекање ги правиме видливи, редоследот проверлив, а пациентот добива увид кога е навистина на ред. Истовремено, ги подготвивме законските измени за електронско водење на медицинската документација, упатите, рецептите и извештаите, кои преку „Мој Термин“ добиваат и една подлабока цел да ја стеснат сивата зона во која со години растеше просторот за злоупотреба. Деновиве повторно јавно кажав и дека борбата против корупцијата мора да се води преку транспарентност со граѓаните, дигитализација на системот, строги правила и можност за анонимно пријавување злоупотреби. Сите овие институционални подобрувања и изрази на силна политичка волја да системот го унапредиме се нужни, но не и доволни. Би згрешиле ако поверуваме дека и најдобро уредениот систем може да ја заврши целата работа сам. И во најсовршениот здравствен систем останува еден простор што не може до крај да го регулира ниту законот, ниту алгоритамот, ниту протоколот. Тој простор е суштински интимен, во него остануваат само лекарот и пациентот. Системот може да му постави рамка, но не може да навлезе до крај. Таму етиката е таа која го дефинира односот. Или, уште поточно, нејзиното присуство или отсуство.
Токму во овој интимен простор меѓу лекарот и пациентот, медицината отсекогаш ја барала својата највисока референтна мерка во етиката. Хипократовата заклетва, како историски етички кодекс на лекарската професија, низ вековите опстојува како потсетник дека медицинското знаење ја исполнува својата вистинска смисла само кога е ставено во служба на болниот човек. Не случајно, таа го обврзува лекарот да ги чува болните од „било каква штета и зло“. Во таа кратка, но силна определба е содржана суштината на медицинската етика: лекарот не е повикан само да лекува, туку и да не дозволи ранливоста на пациентот да биде претворена во неправда, нееднаквост или лична корист.
Нејзиниот современ одглас во Декларацијата од Женева на Светската медицинска асоцијација, вели дека здравјето и добросостојбата на пациентот се прва грижа на лекарот и дека професијата се врши со совест и достоинство. Таа го обврзува лекарот со зборовите , „Најпрво во предвид го земам здравјето на пациентот“. Во таа смисла, етиката е внатрешната граница што го штити достоинството на професијата и се грижи за довербата на пациентот. Таму каде што таа граница е жива, здравството останува хуман повик. Таму каде што ќе ослабне и најуредениотздравствен систем почнува да ја губи својата човечка смисла.
Нашиот Кодекс на медицинска деонтологија подеднакво е прецизен, односно вели дека лекарот е одговорен пред сопствената совест, пред болниот и пред општеството. Притоа нагласува дека лекарот е должен е да ги почитува правата на болните и да ја чува нивната доверба. Додека пак односот кон болниот не смее да биде условен со користољубивост, лични амбиции или намера за лична корист. Сите овие етички и професионални определби ја формулираат моралната основа врз која медицината ја чува и развива својата хумана димензија.
Токму затоа, ова не треба да се претвори во неправедна осуда на една професија што секојдневно носи тежок товар и огромна одговорност. Напротив, ова треба да биде повик за заштита на достоинството на професијата од практики кои ѝ се суштински туѓи од етички аспект. Притоа, секоја злоупотреба не го понижува само пациентот, таа го компромитира и чесниот лекар и пожртвуваниот здравствен работник, како и севкупниот углед на професијата, граден со децении.
Оттука, одговорот мора да биде двоен. Како институции, мораме уште поцврсто да го намалуваме просторот за злоупотреба преку дигитални траги, правила, надзор, санкции, деполитизирани процеси и сл. Самото истражување на ЕСЕ покажува дека граѓаните токму тоа и го очекуваат: поголема контрола од Министерството, построги санкции, повеќе транспарентност и елиминирање на политичките влијанија и непотизмот. Но, одговорноста не завршува со институционалната поставеност, таа продолжува и во секојдневната професионална одлука на секој лекар и здравствен работник. Тие треба да го бранат внатрешниот предел на медицината, каде што ниеден систем не може да ја замени совеста, а ниедна апликација не може да ја замени личната чест . Само тогаш кога системот и совестаистовремено ќе стојат на иста страна и под морална вертикала, ќе имаме здравство во кое пациентот ќе знае дека пред себе има не само институција, туку и човек кој ја разбира моралната тежина на својата професионална должност.























