Војната на Блискиот Исток предизвика кошмар за глобалниот енергетски систем, намалувајќи ги испораките до тој степен што потрошувачите ширум светот мора да плаќаат повисока цена за помалку гориво. Затворањето на Ормутскиот теснец, тесен канал покрај брегот на Иран, го запре минувањето на околу една петтина од светската нафта откако САД и Израел започнаа воздушни напади врз Иран на 28 февруари.
Напади врз енергетската инфраструктура
Гасни полиња, рафинерии за нафта и терминали се оштетени, а индустријата предупредува дека поправките може да траат со години. Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) предупредува дека ова е најлошото глобално енергетско нарушување во историјата, дури посериозно од арапското ембарго за нафта од 1973 година.
Досега кризата отстрани околу 400 милиони барели од пазарот, што предизвика зголемување на цените за околу 50 проценти.
Нафтата, гасот и рафинираните нуспроизводи се неопходни за многу делови од современиот свет – од напојување на автомобили, камиони и авиони, до снабдување на домовите и индустријата, па сè до производство на пластика и ѓубрива.
Драстичен пораст на цените
Глобалните референтни цени на нафтата достигнаа над 110 долари за барел, додека цените на суровата нафта од Блискиот Исток достигнаа рекордни 164 долари за барел. Ова предизвика зголемување на цените на горивата за транспорт, што ги притиска потрошувачите и бизнисите.
Многу земји веќе воведоа мерки за заштеда на енергија. Тајланд им нареди на државните службеници да користат скали наместо лифтови, а Бангладеш ги затвори универзитетите. Шри Ланка воведе рационирање на горивото, додека Кина го забрани извозот на рафинирано гориво.
Воздушни и ракетни напади
Израел го нападна иранското гасно поле Јужен Парс, а Иран возврати врз катарскиот комплекс Рас Лафан за течен природен гас. Извршниот директор на „Катар Енерџи“, Саад ал-Каби, изјави дека нападите ќе уништат 12,8 милиони тони течен природен гас годишно, околу 3% од глобалното снабдување, во период од три до пет години.
Загрозени резерви на храна
Војната веќе сериозно ги наруши пазарите на ѓубрива, бидејќи околу една третина од глобалната трговија со ѓубрива поминува преку Ормутскиот теснец. Цената на уреата, најважното ѓубриво на база на азот, се зголеми за 30-40%. Земјоделците во САД и Азија веќе се соочуваат со празни полици пред пролетното садење.
„Ова ќе влијае на садењето. Ќе има помала понуда на основни житарки, храна за животни и млечни производи“, предупредува Максимо Тореро, главен економист во Организацијата за храна и земјоделство на ОН.
Околу половина од светската храна се одгледува со употреба на ѓубрива, кои во некои земји сочинуваат до половина од трошоците за производство на жито.
Политички и економски последици
Остриот пораст на цените на енергијата ја поттикнува инфлацијата, која силно ги погодува потрошувачите и бизнисите. Американскиот претседател Доналд Трамп ги критикуваше сојузниците на НАТО поради нивниот недостаток на поддршка за американско-израелската војна, нарекувајќи ги „кукавици“.
Текстот Ова е најлошото глобално енергетско нарушување во историјата, оцени Меѓународната агенција за енергетика е превземен од МАКФАКС.























