Полскиот премиер Доналд Туск денес го обвини унгарскиот премиер Виктор Орбан дека користи процедурални и формални трикови за да ја блокира помошта на Европската Унија за Украина и шансата да ја запре агресијата на Русија поради „домашни проблеми“.
„Не успеавме да го убедиме премиерот Орбан и тој сè уште е решен да ја блокира помошта за Украина, користејќи одредени процедурални и формални трикови, што е многу лошо за Полска и Европа. Помошта за Украина е пред сè шанса да се запре Русија и нејзината агресија“, изјави Туск пред новинарите на враќање од Брисел од самитот на ЕУ.
Полскиот премиер рече дека сите други земји-членки ќе бараат други начини да испратат помош за Украина, но дека тоа не е лесно бидејќи ЕУ и опстанокот на Украина во голема мера зависат од домашната изборна игра на еден премиер – Виктор Орбан, и нема „план Б“.
„Европа има сè повеќе проблеми со Орбан“, рече Туск и додаде дека е задоволен барем од фактот што заклучоците прифатија дека во следната буџетска рамка на ЕУ треба да има дополнителни средства за регионите што граничат со Русија и Белорусија.
Како успех на Европскиот совет, полскиот премиер го наведе фактот дека неговата земја, заедно со Данска, успеаја да постигнат договор дека ЕУ повеќе нема да биде отворена за бегалци како порано во врска со војната на Блискиот Исток.
„Успеавме да ја убедиме Европската комисија и другите партнери недвосмислено да кажат – грешките од 2015 година не смеат да се повторат. Значи, и тука ги дадов како пример нашите постапки на границата со Белорусија, дека ЕУ мора јасно и силно да ги брани своите граници од нелегалната миграција“, рече Туск.
Полскиот премиер предупреди на сериозноста на ситуацијата, бидејќи никој сега не може да каже дали и како војната на Блискиот Исток ќе ескалира и каков бран на миграција би можела да предизвика.
„До мене стигнуваат гласови дека полската опозиција или претседателот сè уште размислуваат дали Полска треба да се вклучи во војната на Блискиот Исток на некаков начин. Сакам уште еднаш да нагласам и да сметам на разбирањето на сите сојузници, за што разговаравме и на маргините на самитот, дека Полска веќе носи тежок товар, одговорност за заштита на источната граница на Полска, ЕУ и НАТО, и не треба да бараме други активности, бидејќи ова е апсолутен приоритет“, рече Туск.
Туск рече дека ги повикува сите што размислуваат дека Полска би можела повторно да учествува во некои такви драматични ситуации како војната на Блискиот Исток и да испрати полски војници, да се откажат од тоа, бидејќи Туск, како премиер, едноставно нема да се согласи со тоа.
Текстот Полскиот премиер: Европа има сè повеќе проблеми со Орбан е превземен од МАКФАКС.























