Финскиот премиер Петери Орпо го обвини унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ја „предал“ Европската Унија со напуштање на претходниот договор за заем од 90 милијарди евра за Украина. Орпо, исто така, рече дека Орбан ја користи ситуацијата во Украина во својата изборна кампања, објави „Европска правда“.

Пред состанокот на Европскиот совет во Брисел финскиот премиер рече дека блокирањето на заемот за Украина од страна на Орбан е предавство на другите лидери на ЕУ. „Имавме договор и мислам дека тој нè предаде. Треба да најдеме решение за тоа како да продолжиме напред“, коментираше Орпо.

Тој додаде: „Тој ја користи Украина како оружје во својата изборна кампања. А тоа не е добро“. Орпо нагласи дека најважното прашање е обезбедувањето финансирање на Украина и ги повика Киев и Европската комисија да најдат решение во врска со нафтоводот „Дружба“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно изјави дека Унгарија нема да ги деблокира одлуките во корист на Украина сè додека не се обнови транспортот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“. Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски во писмо упатено до лидерите на ЕУ вети дека протокот на нафта ќе биде обновен за околу месец и половина. Група експерти од ЕУ требаше да го посети местото на оштетувањето на нафтоводот на 18 март за да ја процени штетата и обемот на потребните работи, но Украина сè уште не им дозволила пристап од безбедносни причини.

Фото: ЕПА

Текстот Финскиот премиер: Орбан ја предаде ЕУ е превземен од МАКФАКС.