Бебе на возраст од само 18 дена почина од фатални повреди на главата откако нејзината мајка наводно ја фрлила од прозорец на трети кат во Лондон. Бебето Маријам паднала од 10 метри додека нејзиниот татко подготвувал шише во кујната, беше кажано на судот, објави Скај њуз.

Захира Биџауан, 43, е обвинета за убиството на нејзината ќерка и требаше да се појави пред судот Олд Бејли во среда, но не присуствуваше. Трагедијата се случила во саботата во семејниот стан во Вестминстер, централен Лондон.

Според обвинителството, таткото бил во кујната подготвувајќи адаптирано млеко кога Биџауан наводно го фрлила новороденчето низ лизгачкиот прозорец. Обвинителот Филип Мекги рече дека сопругот веднаш истрчал надвор, но не можел да го достигне детето. Тој се вратил во станот и повикал брза помош во 7:30 часот наутро.

Итните служби пристигнале за неколку минути и го пронашле девојчето на бетонската површина помеѓу зградата и металната ограда. Таа била однесена во болница во критична состојба, каде што починала околу 9 часот наутро. Била утврдена фрактура на черепот. Кога полицајците влегле во станот, ја нашле нејзината мајка како седи на креветот. Таа првично била уапсена под сомнение за обид за убиство и обвинета за убиство еден ден подоцна.

На обвинетата и е одреден притвор. Рочиштето за изјаснување на вината е закажано за 3 јуни, а судењето треба да започне на 15 февруари следната година и да трае десет дена.

Текстот Мајка фрлила бебе од трети кат во Лондон, девојчето починало е превземен од МАКФАКС.