Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека на територијата на град Скопје почна широка и координирана пролетна акција за генерално чистење, со цел унапредување на јавната хигиена и заштита на животната средина.
Акцијата започна во општината Кисела Вода, а во неа се вклучени екипи од повеќе јавни претпријатија. Од Комунална хигиена интензивно ги чистат улиците и го отстрануваат отпадот, вклучително и неправилно одложениот смет. Водовод и канализација спроведува перење на улиците и јавните површини, додека Паркови и зеленило работи на уредување и одржување на зелените површини. Воедно, Улици и патишта поставува метални столпчиња со цел спречување на узурпацијата на тротоарите и јавниот простор.
Градоначалникот на Град Скопје истакна дека оваа акција претставува почеток на нов пристап кон одржувањето на градот, каде редот, чистотата и одговорноста ќе станат секојдневие. Тој нагласи дека институциите ќе продолжат со систематски активности во сите општини, со цел создавање на почиста и поуредена урбана средина.
„Чистата животна средина не е луксуз, туку основно право на секој граѓанин. Градот може да чисти, но вистинската промена доаѓа кога сите заедно ќе ја преземеме одговорноста“, порача градоначалникот.
Од Градот потенцираат дека акцијата ќе продолжи со засилено темпо и во наредниот период, а за непочитување на правилата ќе следуваат соодветни санкции. Воедно, се упатува апел до граѓаните да придонесат со одговорно однесување, да го чуваат јавниот простор и да не фрлаат отпад на несоодветни места.
Од Град Скопје веруваат дека грижата за животната средина и подобрувањето на квалитетот на живеење остануваат врвен приоритет во нивното работење.
Текстот Голема пролетна акција за чистење во Скопје: Почна од Кисела Вода е превземен од МАКФАКС.























