„Денеска, уште еднаш, собраниското мнозинство покажа дека нема ни волја, ни храброст, ни совест кога станува збор за заштита на жените. И оваа година како лани, не поминаа измените на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, предложени од Либерално-демократската партија (ЛДП), со кои покрај забраната за движење, сторителот на насилство ќе биде обврзан да носи електронска нараквица за следење и предупредување на жртвата.
Без збор. Без аргумент. Без срам. Повторно го одбија предлогот за воведување електронски нараквици за следење на насилниците – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита“, изјави од собраниската говорница претседателката на ЛДП, Моника Зајкова и вели дека ова не е само политичка одлука, туку директна одговорност.
„Кога имате можност да спречите насилство, а свесно одбирате да не го направите тоа, станувате соучесници. Соучесници во секој следен напад. Соучесници во секоја следна жртва. Соучесници во секоја жена што живее во страв. Овој предлог не е нов. Беше поднесен уште минатата година. И тогаш истото сценарио. Молк, игнорирање, одбивање. А резултатот? Црни биланси. Жени жртви. Скршени животи. И за жал, изгубени животи. И после сето тоа, повторно истата ладнокрвност. Повеќе не прифаќаме лицемерие“, посочува Зајкова.
Претседателката на ЛДП додава дека повеќе не прифаќа празни говори за „грижа за жените“, статистики за политички маркетинг и лажна загриженост.
„Жените не се бројки. Жените не се проценти. Жените не се тема за ПР. Жените се животи. И тие животи денес беа игнорирани. Ова не е само политичка борба, ова е морална линија. И денес, мнозинството јасно избра на која страна стои: На страната на молкот. На страната на неакцијата. И, за жал, на страната на насилството“, завршува во својата изјава пред пратениците Зајкова.
Текстот Зајкова: Пратениците од мнозинството избраа соучесништво во насилството наместо превенција е превземен од МАКФАКС.























