Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, денес изјави дека неговата земја практично ја добила војната со Иран, но не сакаше да шпекулира за датумот на завршување на конфликтот.

Тој само рече дека воената кампања ќе продолжи сè додека не се постигнат поставените цели, објави „Ројтерс“.

Зборувајќи на прес-конференција, Саар рече дека Израел сака да ги елиминира „егзистенцијалните закани“, но не објасни како владата ќе утврди дека овие цели се постигнати.

„Потребно е трпение“, рече тој на 18-тиот ден од војната во која загинаа повеќе од 2.000 луѓе, главно во Иран и Либан, но исто така и во Израел, Ирак и низ Заливот.

Саар и други израелски претставници изјавија дека целта е значително да се ослабне способноста на Иран да започнува долгорочни напади врз Израел, а воедно да се создадат услови во Иран што на крајот би можеле да им дозволат на Иранците да го соборат своето раководство.

Сепак, Саар призна дека само иранскиот народ може да го собори режимот во Иран, што беше протолкувано како признание дека востанието не е неизбежно.

Израелската војска соопшти дека спроведува воздушни напади врз иранските лансери за балистички ракети, магацини и производствени погони. Тие, исто така, бомбардираа локации за кои тврдат дека се поврзани со нуклеарната програма на Иран и нападнаа безбедносни сили.

„Веќе победивме“, рече Саар, опишувајќи го Иран како „драматично ослабен“ и повеќе не е истата земја што беше пред почетокот на војната на 28 февруари, кога беа започнати заедничките напади на САД и Израел.

„Тоа ни е јасно и нам и на нашите соседи, но ние ќе продолжиме додека мисијата не биде завршена“, додаде тој.

Иако Саар прогласи победа, повторувајќи ги изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп на 11 март, Иран денеска испали повеќе ракети кон Израел, покажувајќи дека Техеран сè уште има капацитет да лансира напади со долг дострел по повеќе од две недели војна.

фото/Depositphotos

Текстот Израелски министер: Ја добивме војната со Иран, но не знаеме колку долго ќе трае е превземен од МАКФАКС.