Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека е подготвен да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за пресретнувачите на дронови и експертизата на Киев во борбата против дронови произведени во Иран. Изјавата доаѓа во време кога војната во Иран влегува во третата недела, а Нетанјаху, според медиумските извештаи, побарал преговори со Зеленски во последните денови, пишува Euronews.

Според извештаите на израелските медиуми, Нетанјаху е заинтересиран за украински пресретнувачи на дронови, кои се покажаа како најприфатливо и најефикасно решение против иранските дронови. Амбасадорот на Украина во Израел, Евгениј Корнијчук, потврди дека Киев го примил барањето и додаде дека средбата веројатно ќе се одржи на почетокот на следната недела.

Зеленски ја потврди својата подготвеност за разговори, без да прецизира кога би можеле да се одржат, но навести дека помошта од Киев ќе биде дел од размената. „(Нетанјаху) има она што ми треба мене, а јас имам она што нему му треба. Затоа, јас сум подготвен за овој дијалог“, рече Зеленски.

Иако не образложи што Украина би побарала од Израел за возврат, тој во посебна изјава нагласи дека дури и најсофистицираните системи за воздушна одбрана не се целосно ефикасни против иранските беспилотни летала.

„Илјадници ракети „Патриот“ не можат да ги сопрат десетиците илјади ирански „Шахеди“, рече Зеленски, додавајќи дека еден таков дрон е „четириесет пати поевтин од една ракета „Патриот“, а камоли целиот систем.

„Украина има комплетен систем за воздушна одбрана, освен антибалистичките способности“, додаде тој.

Зеленски и Нетанјаху се сретнале само еднаш од почетокот на руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември 2023 година. Украинскиот претседател потоа се обиде да преговара за поголема поддршка од израелската страна за украинската одбрана и покоординирана стратегија против иранското оружје што им се испорачува на руските сили.

По средбата во Њујорк, Зеленски рече дека Украина и Израел делат „загриженост за растечката воена соработка меѓу Русија и Иран“. Во тогашната изјава на Нетанјаху се вели дека „Израел ќе продолжи да ѝ помага на Украина по хуманитарни прашања, вклучително и решавање на проблемот со противпешадиските мини“.

Израел не воведе санкции против Русија по почетокот на инвазијата на Украина и одржува срдечни односи со Москва.

 

фото/Depositphotos

Текстот Зеленски: Нетанјаху го има она што ми треба, јас го имам она што нему му треба е превземен од МАКФАКС.