Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека одлуката на Извршниот одбор за иницирање постапка за исклучување на Петре Шилегов од членството е донесена едногласно, по направени внатрепартиски проверки.

Тој нагласи дека се работи за процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата.

„Точно е дека се почитувало и се слушало туѓото мислење, така е и сега, така и ќе биде понатаму. Но, тука не станува збор за туѓо и поинакво мислење затоа што и тоа мислење беше сослушано, туку за процес за одработување за ВМРО ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата. По сите наши проверки и информации, дојдовме до тој заклучок. Извршниот одбор таа одлука ја донесе со консензус. Никој не гласаше против“, изјави Филипче.

Тој додаде дека нема да дозволи, луѓе да го делат СДСМ, обвинувајќи ја актуелната власт дека се обидува да ја ослабне партијата одвнатре.

„Имаме работа со криминална и корумпирана власт, која ништо не може да направи за да го спречи падот на анкетите, кој е евидентен. Веројатно ги имате тие анкети, ваков пад на ВМРО-ДПМНЕ досега немало, а ние имаме раст, единствено нешто што може да прават е да ја делат партијата однатре и така да нè ситнат за да владеат онака како сакаат да владеат“, рече Филипче.

Во изјавата тој потсети и на, како што наведе, претходни поделби во партијата во 2021 и 2024 година, како и на наводни активности на поединци на изборите во 2025 година.

„Имаме сериозна задача, се бориме за опстанокот и европската иднина и нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ преку поединци да ја ситни оваа партија“, додаде Филипче.

Извршниот одбор на СДСМ вчера донесе одлука и иницира постапка за исклучување на поранешниот градоначалник, Петре Шилегов од членство во партијата.

Текстот Филипче: Нема да дозволиме СДСМ да се дели одвнатре, одлуката за Шилегов донесена со консензус е превземен од МАКФАКС.