Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД погодиле повеќе од 7.000 цели низ целиот Иран за време на воената кампања, тврдејќи дека воените капацитети на Иран се сериозно ослабени.
Зборувајќи на прес-конференција во Белата куќа, Трамп рече дека е постигнато „намалување од 90 проценти на лансирањата на балистички ракети и намалување од 95 проценти на нападите со беспилотни летала“.
„Нашата силна воена кампања продолжува. Буквално ги уништивме нивната морнарица и воздухопловни сили. Нивните бродови ги нема, како и нивните лидери“, рече Трамп, според американските медиуми.
Според него, во текот на последните десет дена, потонале или уништиле повеќе од 100 ирански воени бродови, како и повеќе од 30 бродови наменети за поставување мини.
Тој додаде дека способноста на Иран да користи беспилотни летала „се приближува кон нула“, но не даде дополнителни докази за овие тврдења.
Трамп, исто така, рече дека иранските нафтоводи не се уништени, иако, како што тврди, американската војска може да го направи тоа „за пет минути“.
„Само еден збор и тие нафтоводи повеќе нема да постојат“, рече тој, додавајќи дека капацитетот на Иран да напаѓа трговски бродови систематски се уништува.
Американскиот претседател, исто така, изјави дека биле погодени три фабрики за ракети, што, според него, го отежнало производството на нови ракети значително.
„Не им останале многу ракети. Дополнителни напади се лансираат час по час“, рече Трамп.
Критика кон сојузниците
Трамп го повтори повикот до сојузничките земји да помогнат во деблокирањето на Ормускиот теснец, критикувајќи ги земјите кои, како што рече, „не биле ентузијастични да помогнат“.
„Некои биле многу ентузијастични, а некои не. Меѓу нив има земји на кои им помагавме многу, многу години. Ги заштитивме од ужасни надворешни закани, а тие не биле ентузијастични да помогнат. Нивото на ентузијазам е важно за мене“, рече Трамп на состанок во Белата куќа, според Ројтерс.
Неколку американски сојузници изјавија во понеделникот дека немаат непосредни планови да испратат бродови за да помогнат во деблокирањето на Ормускиот теснец.
Текстот (Видео) Трамп за Иран: „Само еден збор и нема да го има повеќе“ е превземен од МАКФАКС.























