Два хеликоптери на Армијата утрово го гаснат пожарот на планината Јабланица кој трет ден гори во близина на селата Радолишта и Фјеришта, соопшти Центарот за управување со кризи.

Поради непристапноста на теренот Територијалната противпожарна единица Струга, според командирот, Фети Мазари, побарале помош за гасење од воздух.

– Теренот е непристапен, два дена го гасиме од копно заедно со екипи на Македонски шуми. Вчера побарав од Центарот за управување со кризи помош за гаснење од воздух, изјави Мазари, нагласувајќи дека не постои опасност од зафаќање на селата.

ЦУК соопшти дека во исто време, во регионот на Струга е евидентиран и друг активен пожар во селото Боговица, каде што надлежните служби дејствуваат со копнени сили.

Општина Струга упати апел до граѓаните да покажат максимална внимателност и целосна одговорност.

– Палењето оган во планина, на ниви или на отворен простор е строго забрането. Секое такво дејствие претставува сериозен ризик за природата, имотот и животите на луѓето, соопшти Општина Струга.

Надлежните институции, посочуваат, се на терен и остануваат ангажирани сè до целосно стабилизирање на состојбата, а против секое лице што ќе предизвика пожар или ќе постапува неодговорно ќе бидат преземени строги законски мерки.

Текстот (Видео) Два армиски хеликоптери се борат со пожарот на планината Јабланица кој гори три дена е превземен од МАКФАКС.