Во Битола денес е потпишан договор за соработка помеѓу Општина Битола и Интерарт културниот центар, за програмата на „Танц Фест“ 2026 која ќе се оддржи на неколку локации низ градот.

За прв пат „Танц Фест“ ќе има официјално затварање во Битола, кое ќе се случи на сцената на Народниот театар во Битола.

Фестивалската програма во Битола започнува со експериментално отворање, во соработка со Францускиот институт и Месецот на франкофонијата, со претставата “Процеп” на француската компанија “Ка-данс” која го истражува односот помеѓу современиот танц и новите технологии, додека 5 мај ќе биде резервиран за спектакуларното затворање со претставата “Будење” на Скопје танцовиот театар.

Битола ќе биде домаќин на дел од VR програмата на „Танц Фест“, која ќе се реализира во април, нудејќи на публиката уникатно искуство на современи танцови продукции во виртуелна реалност. Овие проекти ја отвораат сцената за нови форми на перформативна уметност, каде танцот се спојува
со дигиталните технологии и им овозможува на гледачите поинаков начин на доживување на движењето и просторот.

Со оваа соработка, Битола се поставува на фестивалската мапа, како еден од лидерите кои ги препознаваат новите технологии во изведбените уметности.
Соработката воедно придонесува за децентрализација на културните настани и отворање на нови можности за локалната публика да се запознае со современите светски текови во танцовата уметност.

„Танц Фест“ Скопје веќе 22 години претставува една од најзначајните платформи за современ танц во регионот, носејќи во Македонија реномирани уметници и продукции од Европа и светот, како и поддржувајќи нови генерации домашни автори и танчери.

Текстот „Танц фест“ во Битола е превземен од МАКФАКС.