Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека системската реакција на институциите по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани била подобра во споредба со трагедијата во Кран Монтана во Швајцарија.

„Кога правите споредба на лоши настани, делувате некрофилски и јас не сакам да делувам така, но ќе дадам целосен одговор на вашето прашање. Ако се спореди тоа што ние како Влада го направивме со она што се случи во Кран Монтана во Швајцарија, можам да кажам дека неколкукратно подобро се споредува – во сите параметри и во сите споредби“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека загубените животи не можат да се вратат, но дека од аспект на институционалната реакција македонските институции реагирале подобро.

„За жал, не постои начин да ги вратиме тие кои повеќе не се со нас. Но од аспект на системска реакција, кога ќе го споредиме тој настан со оној во дискотеката во Кран Монтана, македонскиот систем и институциите реагираа подобро од системот и институциите во Швајцарија“, рече премиерот.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 190 луѓе беа повредени. Пожарот избувна на 16 март минатата година за време на концерт во преполн локал, по што огнот брзо се прошири во објектот.

Во пожарот во ноќен локал во Кран Монтана во Швајцарија загинаa 41 лицe, додека повеќе од 100 беа повредени. Пожарот избувна неколку месеци подоцна, за време на новогодишната ноќ во преполн објект и брзо се прошири низ внатрешноста на локалот.

Текстот Мицкоски: Системската реакција на македонските власти по пожарот во Кочани беше подобра отколку во Швајцарија е превземен од МАКФАКС.